Првиот чекор што би го направила во Судскиот совет е на седниците што се снимаат од медиумите, за секој предлог „за“ и за секој предлог „против“ да се образложи, вели Димовска
Судијата од Врховниот суд Наке Георгиев денеска си поднесе оставка од член на Судскиот совет непосредно пред да даде заклетва во Собранието и со тоа го отвори патот за неговиот син, Кирил, да биде избран за судија

Во Собранието денеска, пред спикерот Талат Џафери и генералната секретарка Цветанка Иванова, свечена изјава даде судијката Антоанета Димовска, која е нов член на Судскиот совет. Таа кажа дека ова за неа значи чест, но и голема одговорност.
„Се пријавив на конкурсот за да придонесам со своето искуство и знаење да се подобри сликата за судството. Знаеме дека сликата за судството во овој миг не е многу добра, но постојат луѓе кои имаат сила, знаење и интегритет да ја подобрат таквата слика. Мислам дека ќе дадам скромен придонес, ќе дадам сѐ од себе сликата да се подобри. Првиот чекор што би го направила во Судскиот совет е на седниците што се снимаат од медиумите за секој предлог ‘за’ и за секој предлог ‘против’ да се образложи. Тоа е она што мене ми пречеше порано, за што реагирав и во 2017 година. Тоа го очекуваат колегите од мене и тоа ќе го направам и ви ветувам дека тоа ќе го чуете наскоро“,
изјави Димовска.

Со неа не дојде Наке Георгиев, кој денеска писмено го извести Судскиот совет дека поднесува оставка. Со Димовска во Собранието беше претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.
„Точно е дека во текот на денешниот ден колегата Наке Георгиев поднесе писмена оставка до Советот и од тие причини не се јавил на закажаната заклетва денеска. Тоа го констатиравме. Тоа е негов личен чин, негова причина и негова одлука. Веројатно би требало него да го прашате од кои причини, со оглед дека беше претходно избран од страна на колегите од Врховен суд, а од друга страна, следуваше заклетва за да почне да работи во Советот“,
изјави Георгиев.

За тоа дали е точно дека судијата Наќе Георгиев ја поднел оставката за да овозможи неговиот син да биде судија во Кривичен суд, претседателот на Судскиот совет рече дека е факт оти синот на Георгиев е кандидиран за судија, но и дека Советот е ставен пред состојба да мора да се изјасни или да изврши избор за некој од судовите каде што конкурира.
Судијата од Врховниот суд Наке Георгиев денеска си поднесе оставка непосредно пред да даде заклетва во Собранието и со тоа го отвори патот за неговиот син, Кирил, да биде избран за судија.
Како еден од кандидатите од последната генерација што ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители, синот на Георгиев конкурира за судија во Основниот кривичен суд Скопје, а денешниот избор во Судскиот совет и за него и за другите нови судии беше едногласен со 11 гласа „за“.
Доколку таткото не си поднесеше оставка од член на Судскиот совет, тогаш синот немаше да може да биде избран или евентуалниот избор би бил противзаконски бидејќи Законот за судови предвидува дека за судија или поротник не може да бие избрано лице кое со член на советот е во сродство во права линија или странична до трет степен.