Во пораките не може да се забележи партиска иконографија туку верска
На повеќе локации во скопски Чаир „360 степени“ денеска наиде на пораката „Не гласај“ – испечатена на летоци или испишана со спреј по ѕидови на објекти и столбови на билборди. Пораката е во изборен контекст, без да се посочува на кои избори да не се гласа – на парламентарните или на претседателските.


Лесно воочлив е верски аспект, со оглед на тоа што на еден од летоците (види следна фотографија) пишува: „Ако си муслиман, не гласај“.

На друг леток, пак, пишува: „Плаши се од Алах, не заокружувај друг Господ освен него“ (види ги следните две фотографии).


Во пораките не може да се забележи партиска иконографија.


Утре во земјава се одржуваат парламентарни и втор круг претседателски избори. За да успеат изборите за шеф на државата, неопходно е на гласање да излезат повеќе од 40 отсто од запишаните 1 814 317 избирачи односно најмалку 725 727 гласачи.
Инаку, денеска гласаат болните и изнемоштените лица, како и затворениците во казнено-поправните установи во земјава. Според Државната изборна комисија (ДИК), на претседателските избори гласаат 11 123 болни и немоќни лица, а на парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи, односно гласаат 11 225 болни и немоќни лица.