Кабинетот ќе се фокусира само на прашања за војната. За време на војната нема да бидат презентирани никакви предлог-закони или владини одлуки кои не се поврзани со војната, вели Ганц

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и опозицискиот лидер Бени Ганц формираа влада на национално единство и кабинет за управување со војната против Хамас.
Во соопштението на Ганц се вели дека во новиот воен кабинет ќе бидат и Нетанјаху и актуелниот министер за одбрана Јоав Галант.
„Во тричлениот кабинет набљудувачи ќе бидат Гади Ајзенкот, поранешен шеф на армијата од партијата на Ганц, како и министерот за стратешки прашања Рон Дермер. Кабинетот ќе се фокусира само на прашања за војната. За време на војната нема да бидат презентирани никакви предлог-закони или владини одлуки кои не се поврзани со војната“,
се вели во изјавата на Ганц.
Бројот на загинати во Израел, како што соопштува израелската војска, се искачи на 1 200, а повеќе од 2 700 се ранети.
Израел распореди тенкови и оклопни возила северно од Газа, каде што од саботата се водат судири, но не ги коментира тврдењата на Хамас дека сѐ уште се борат внатре во Израел. Палестинските власти соопштија дека 1 055 лица се убиени, а 5 184 се ранети во одмазднички напади.
Обединетите нации соопштија дека меѓу загинатите има девет вработени во нивната агенција за бегалци. ОН соопштија дека повеќе од 180 илјади жители на Газа останале без покрив над главата, а многумина се сместени на улиците или во училиштата.