Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, нагласи дека одборот се формира 30 дена по средбата на двете делегации во Охрид, што, како што рече, е предвидено во самиот анекс за имплементација на договорот. Додаде дека надлежностите и задачите на заедничкото надзорно тело ќе се утврдат на првиот состанок на одборот што ќе се одржи по следниот состанок на високо ниво кој е закажан за 2 мај во Брисел
Европската Унија (ЕУ) оформи заеднички надзорен одбор кој ќе го следи спроведувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија кој беше постигнат меѓу лидерите на двете земји на средбата во Охрид на 18 март годинава.
Ова го изјави портпаролот на Унијата, Петер Стано, велејќи дека со одборот ќе претседава специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
Во заедничкиот одбор Косово ќе го претставува амбасадорот во Белгија, Агрон Бајрами, а Србија ќе биде претставувана од главниот преговарач Петар Петковиќ.
„Задачата на Заедничкиот одбор е да го следи спроведувањето на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија и анексот за негово спроведување“,
изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

Тој нагласи дека одборот се формира 30 дена по средбата на двете делегации во Охрид, што, како што рече, е предвидено во самиот Анекс за имплементација на договорот.
Портпаролот на ЕУ додаде дека надлежностите и задачите на заедничкото надзорно тело ќе се утврдат на првиот состанок на одборот што ќе се одржи по следниот состанок на високо ниво кој е закажан за 2 мај во Брисел.
Се наведува дека одборот редовно ќе се состанува во Брисел.
Регионалниот сервис на Радио Слободна Европа пишува дека формирањето на заедничкиот одбор е предвидено во Анексот за спроведување на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Според Анексот, формирањето на мешовитиот надзорен одбор е предвидено да се случи во рок од 30 дена по постигнувањето на договорот. Иако лидерите на Косово и Србија не потпишаа никаков документ на средбата во Охрид, сепак, според толкувањето на европските претставници, договорот е правнообврзувачки за двете страни.