Во седумнаесетте години постоење Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендирала вкупно 699 студенти по фармација и по медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и инвестирала близу 141 милион денари по основ на стипендии и на еднократни парични награди за првенците на генерација
Седумнаесетта година по ред Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Изборот на стипендистите за учебната 2024/2025 година, кој е во согласност со објавениот јавен конкурс, е одобрен од Управниот одбор на Фондацијата по предлог-прелиминарната листа од комисиите за распределба на стипендии, составени од претставници на Фондацијата, на двата факултета, како и од претставници од редовите на студентите.

За новата академска година се доделуваат 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. И оваа година Фондацијата доделува еднократна парична награда од 1 200 евра во денарска противвредност за првенците на генерација на двата факултета. Добитници на оваа награда годинава се Фросина Димоска од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,72) и Aнастасија Петличковска од Медицинскиот факултет (со просек 9,92). Првенците се досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

„Вложувањето во млади таленти од сферата на науката, особено во делот на фармацијата и медицината, е долгорочна инвестиција во поздраво општество. Фондацијата ’Трајче Мукаетов’ во изминатите 17 години е дел од успешната академска приказна на 699 стипендирани студенти на државниот универзитет во Скопје. Навистина ми е драго што досега 110 oд стипендираните студенти одлучиле да започнат да ги градат своите кариери во некои од одделите на ’Алкалоид’. Високата селективност при ангажирањето стручен кадар и континуираните вложувања во истражување, развој и нови технологии и постојаното стручно надоградување придонесоа ‘Алкалоид’ денес конкурентно и достоинствено да се носи на глобалниот фармацевтски пазар“,
изјави Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Во седумнаесетте години постоење Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендирала вкупно 699 студенти по фармација и по медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и инвестирала близу 141 милион денари по основ на стипендии и на еднократни парични награди за првенците на генерација.
Oд ноември 2022 година износот на стипендијата изнесува 7 000 денари во текот на 12 месеци и се пресметува линеарно за постојните и за новите стипендисти, сѐ до нивното формално завршување на студиите.