Таа утре ќе биде во посета на Тирана, а оттаму в четврток ќе допатува во Скопје, кога ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, в четврток ќе допатува во Скопје, како дел од нејзината четиридневна посета на земјите од Западен Балкан, во која е предвидено да се сретне со лидерите на С Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора.

Таа утре ќе биде во посета на Тирана, а оттаму в четврток ќе допатува во Скопје, кога ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Според владиниот протокол, предвидено е Фон дер Лајен и Мицкоски да одржат заедничка прес-конференција во владиниот медиумски центар, каде што ќе имаат и свои обраќања.
По Скопје, Фон дер Лајен ќе ја продолжи турнејата во Босна и Херцеговина.
Според соопштението на Делегацијата на ЕУ, овогодишната посета на земјите од Западен Балкан доаѓа во време кога проширувањето е на врвот на агендата на Европската Унија, нешто што беше потврдено во неколку наврати и од самата претседателката на Европската комисија, како и неодамна на Самитот на Берлинскиот процес и на Бледскиот стратешки форум.
Посетата на претседателката на Европската комисија ќе биде повод да се разговара за патот на земјата кон ЕУ, како и за Планот за раст на ЕУ од шест милијарди евра.
Поради посетата на Фон дет Лајен, СВР Скопје информира дека во главниот град ќе има посебен сообраќаен режим по сообраќајниците во поширокото централно подрачје.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници“,
се вели во соопштението од СВР Скопје.
Последен пат Фон дер Лајен беше во посета на Скопје минатиот октомври кога се сретна со поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот претседател Стево Пендаровски.
