Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска во Стразбур ги истакна „црвените линии“ во преговорите за војната во Украина, велејќи дека ЕУ е против еднострано прекројување на границите и ограничување на украинската армија, а е за финансиска поддршка за Киев со замрзнати руски средства.

„Рускиот план на играта не се променил од почетокот на војната, таа верува дека може да ги надживее Украина, Европа и нивните сојузници, па затоа секојпат кога има вистински напредок во преговорите, тоа го ескалира насилството. Го видовме ова и претходно, тоа е шема. Бучавата од Кремљ ги открива вистинските намери, за нив Украина останува само првиот чекор во многу поголема игра“,
изјави Фон дер Лајен пред Европскиот парламент.
Фон дер Лајен ги поздрави напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за мир во Украина и истакна дека конечно започнала работата на текстот на мировните преговори, иако, како што нагласи, „сè уште е потребна многу работа“.
„Имаме почетна точка. Обединет фронт. Единствен глас“,
рече претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен посочи неколку „црвени линии“ што ЕУ не може да ги премине во преговорите. Алијансата не може да прифати ограничување на силите на Украина бидејќи тоа би ја направило ранлива на идна агресија, рече таа.
Претседателката на Комисијата нагласи дека не смее да има еднострано прекројување на границите, ниту нивни промени со сила, бидејќи ако ова се дозволи, „утре се отвора вратата за нови војни“. Таа објави дека ЕК се подготвува да презентира правен текст за користење на руските замрзнати средства за финансиска поддршка и обнова на Украина.
„Да бидам јасна, не гледам никакво сценарио во кој европските даночни обврзници сами ја плаќаат цената за ова, тоа не е прифатливо“,
нагласи Фон дер Лајен
Во својот говор, таа исто така, рече дека иднината на Украина е во Европската Унија, што не е само прашање на судбината, туку клучен дел од секоја безбедносна рамка.
