Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се закани дека ќе го блокира извозот на вакцината на „Астра Зенека“ доколку Европската унија прво не ги добие своите резерви.
„Имаме опција да забраниме каков било планиран извоз. Пораката што ја испраќаме до ’Астра Зенека‘ е: Исполнете го вашиот договор со Европа пред да започнете со испорака во други земји“,
наведе Фон дер Лајен во интервју за германската медиумска групација „Функе“, пренесе МИА.
Компанијата изминатиот период е во континуиран конфликт со официјален Брисел поради доцнењето на испораката на вакцините за земјите членки на Унијата. Тој се продлабочи по најавите дека поради извозни ограничувања компанијата дополнително ќе ги намалува испораките на својата вакцина против ковид-19 во ЕУ.
Исто така, дел од европските земји изминатиот период ја прекинуваа и вакцинацијата со „Астра Зенека“ поради наводни несакани ефекти со згрутчување на крв, но и Европската агенција за лекови (ЕМА) и Светската здравствена организација (СЗО) излегоа со став дека вакцината е безбедна и ефикасна, па дел од земјите продолжија со имунизацијата.