Според неа, упадите на летала во воздушниот простор на земјите долж источната граница на ЕУ, претставуваат модел со кој Русија се обидува да ја тестира Унијата, но исто така и да ги засили поделбите во блокот
Живееме во тешки времиња во кои Русија ја тестира нашата решителност, па затоа од апсолутно суштинско значење е да имаме заедничко чувство за итност и единство за да се справиме со предизвиците, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на неформалниот Самит на ЕУ во Копенхаген.

„Мојата Комисија подготви документ кој ќе биде разгледан и по кој ќе се разговара за насоките за дејствување, но исто така и за некои водечки проекти како ‘Ѕидот од дронови’“,
рече Фон дер Лајен.
Според неа, упадите на летала во воздушниот простор на земјите долж источната граница на ЕУ, претставуваат модел со кој Русија се обидува да ја тестира Унијата, но исто така и да ги засили поделбите во блокот.
Претседателката на ЕК нагласи и дека Украина е на првата линија на одбрана на Европа, па затоа ЕУ мора да ја засили воената поддршка за земјата.
„Ова е причината зошто денеска исплаќаме четири милијарди евра за Украина. Две милијарди евра од нив ќе бидат инвестирани во дронови“,
рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека во исто време мора и да се засили притисокот врз Русија, па затоа ЕК го предложи т.н. „заем за репарации“ за Украина, што ќе биде исплатен од замрзнатите руски средства.
„Ние не ги конфискуваме средствата, туку ги користиме за да обезбедиме позајмици за Украина. Украина мора да го врати овој заем ако Русија плати репарации, бидејќи сторителот мора да биде повикан на одговорност“,
додаде таа.
Претседателката на ЕК истакна дека ова се прави затоа што е неприфатливо за поддршката на Украина да плаќаат само европските даночни обврзници, туку дека тоа треба да го направи оној кој е одговорен и кој ја предизвика штетата.
Зајакнувањето на заедничката европска одбранбена подготвеност и на поддршката на ЕУ за Украина ќе бидат главни теми за дискусија на денешната неформална средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија во Копенхаген.
Домаќин на неформалниот Самит на ЕУ на кој ќе учествуваат и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, е данската премиерка Мете Фредериксен.