Соседството на ЕУ, како што рече таа, е домот на нашата иднина, поканата на земјите во Унијата ја оцени како морална, историска и политичка одговорност
Проширувањето на Европската Унија ќе биде меѓу клучните приоритети на нејзиниот иден мандат доколку биде реизбрана. Ова денеска во говорот за визијата на својот иден петгодишен мандат пред Европскиот парламет го рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, посочувајќи дека, сепак, процесот на пристапување кон ЕУ се темели на заслуги.
Нејзиното именување треба да го потврди Европскиот парламент, кој попладне ќе избира со тајно гласање.

Сепак, посочи и дека ќе се погрижи сите земји да бидат подготвени, пред да ѝ се приклучат.
„Комплетирањето на нашата Унија е исто така во наш суштински интерес и тоа ќе биде клучен приоритет на мојата Комисија“,
рече таа.
Според неа, Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија го направија својот слободен избор, ја избраа слободата наместо угнетувањето.
„Ја избраа демократијата наместо зависноста, а некои од нив плаќаат многу висока цена за овој избор. И ние мора да го направиме нашиот избор и да покажеме стратешка определба дека нивната иднина ќе биде слободна, просперитетна, во рамките на нашата Европска Унија“,
нагласи Фон дер Лајен.
Choices are the hinges of destiny.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) July 18, 2024
Let us make the choice of strength, of leadership and of Europe.
My address as candidate for the Presidency of the @EU_Commission ↓ https://t.co/ZSgqha8PY4
Соседството на ЕУ, како што рече таа, е домот на нашата иднина, поканата на земјите во Унијата ја оцени како морална, историска и политичка одговорност.
„Тоа е огромна геостратешка одговорност за Европа, бидејќи во денешниот свет поголема Унија ќе биде посилна Унија. Тоа ќе го зајакне нашиот глас во светот. Ќе обезбеди ширење на демократијата, просперитетот и стабилноста низ Европа“,
рече таа.
Фон дер Лајен додаде дека Европа има одговорност да игра активна улога во светот, почнувајќи од нејзиното соседство, особено на Блискиот Исток. Во овој контекст, таа нагласи дека крвопролевањето во Газа мора да престане.
Таа зборуваше и за поддршка на Украина, заштита и зајакнување на надворешните граници на ЕУ, управување со миграцијата, справување со проблемите на земјоделците, развој на план за станбената криза во ЕУ, заштита на правата на жените, борба против дезинформации, странското мешање и сајбер-заканите.
По нејзиното обраќање се одржа дебата на европратениците за презентираната програма за работа на Фон дер Лајен. Гласањето за реизбор на Фон дер Лајен е предвидено за 13 часот.
За (ре)избор на Фон дер Лајен е потребна поддршка од мнозинството од вкупниот број на европратеници, односно 361 глас.
Во периодот од 6 до 9 јуни на територијата на Европската Унија се одржаа избори за европски пратеници.
Името Фон дер Лајен веќе беше договорено од лидерите на државите и владите на ЕУ на самитот одржан на крајот на јуни.
Во случај да не ја добие поддршката од Европскиот парламент, тогаш лидерите мора да се соберат на вонреден самит за да се договорат за ново име. Во спротивно, доколку биде избрана Фон дер Лајен, ќе започне процесот на избор на нови комесари.