Таа повика на значително зголемување на воената и економската поддршка за Киев и нагласи дека Русија мора да биде принудена да прифати одржливо и применливо мировно решение
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, денеска изрази поддршка за иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина, доколку тоа значи постигнување траен мир, со безбедносни гаранции и под покровителство на Вашингтон.
„Поддршката за Украина е во интерес на Европа. Ако нашиот одговор биде слаб, тоа ќе доведе до нови конфликти и ќе ги охрабри авторитарните режими“, изјави фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел.
Таа повика на значително зголемување на воената и економската поддршка за Киев и нагласи дека Русија мора да биде принудена да прифати одржливо и применливо мировно решение.
Фон дер Лајен, исто така, истакна дека ЕУ мора да се реформира во одбранбениот сектор, што вклучува развој на противракетен штит, производство на беспилотни летала и зголемување на буџетот за воена индустрија. Притоа, таа најави можност Европската инвестициска банка да финансира воени проекти.
Прекин на огнот меѓу Русија и Украина може да биде договорен и постигнат во наредните недели, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по вчерашната средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
Сепак, тој нагласи дека сето тоа би можело да се постигне со поддршка на француските и британските мировни сили.
По средбата со Трамп, Макрон е оптимист и смета дека има суштински напредок во разговорите за постигнување мир во Украина.
И двајцата претседатели посочија дека веруваат оти наскоро ќе дојде до прекин на огнот.
Макрон вели дека е во контакт со европските лидери и дека многу од нив се подготвени да дадат безбедносни гаранции за Украина.