„Имаме сила да преговараме. Имаме моќ да возвратиме. Народот на Европа треба да знае – заедно секогаш ќе ги промовираме и браниме нашите интереси и вредности“, порача претседателката на Европската комисија
Европската Унија (ЕУ) ќе биде подготвена да возврати со контрамерки на американските царини доколку е потребно, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. За време на говорот во Европскиот парламент во Стразбур, таа истакна дека целта на ЕУ е да се најде решение преку преговори.

„Европа не ја започна оваа конфронтација, но мојата порака до вас денес е дека имаме сè што ни е потребно за да ги заштитиме нашите луѓе и нашиот просперитет. Го имаме најголемиот единствен пазар во светот. Имаме сила да преговараме. Имаме моќ да возвратиме. Народот на Европа треба да знае – заедно секогаш ќе ги промовираме и браниме нашите интереси и вредности. И секогаш ќе се залагаме за Европа“,
истакна Фон дер Лајен.
Според неа, многу Европејци се чувствуваат обесхрабрено од најавите од САД за царините за увоз, но како што вели, Брисел ќе возврати ако биде потребно.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна се закани со повисоки царини за ЕУ и Канада доколку, како што рече, соработуваат за да предизвикаат економска штета на САД.