Ваквата одлука на СДСМ, пишува неделникот, доаѓа откако претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, јавно соопшти дека неговата партија ќе учествува во техничката Влада, ќе предложи кандидати, но нема да ги поддржи во македонското Собрание, односно ќе гласаат воздржано за изборот на техничката Влада
Предлогот за состав на техничката влада ќе биде доставен во Собранието без имиња и презимиња на кандидатите за министри и заменици-министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, објави неделникот „Фокус“ повикувајќи се на извори од владејачкиот СДСМ.
„Сите предлози за составот на техничката Влада до Собранието ќе бидат поднесени, а позициите кои согласно законот треба да ги номинира ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат празни, без име и презиме. Не гледаме потреба ниту да ги предложиме, ниту пак пратениците од СДСМ, од парламентарното мнозинството да гласаат за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ доколку тие самите не ги поддржуваат. Никаде во демократскиот свет нема пример некој да предлага министри или заменици, а да не ги поддржува при изборот. Кога ќе бидат во ВМРО-ДПМНЕ подготвени да ги поддржат, пред се сопствените предлози, тогаш може да бидат номинирани, предложени и поддржани од пратениците од СДСМ“,
велат високи извори во СДСМ за „Фокус“.
Ваквата одлука на СДСМ, пишува неделникот, доаѓа откако претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, јавно соопшти дека неговата партија ќе учествува во техничката Влада, ќе предложи кандидати, но нема да ги поддржи во македонското Собрание, односно ќе гласаат воздржано за изборот на техничката Влада.
„Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер, не ја заслужува поддршката за ништо Талат Џафери од ВМРО-ДПМНЕ. Најмногу што можеме во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес е да се воздржиме од било какво гласање, но тоа е мој став, ќе видиме што ќе одлучат партиските тела“,
изјави Мицкоски една недела пред Нова година.
Ставот на Мицкоски бееше потврден и се официјализираше и со одлуки на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ минатата недела.
ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада, односно ќе именува лица што треба да бидат министри и заменици министри, но Извршниот комитет заземал став да се воздржи од гласањето на техничката влада, соопшти потпретседателот на партијата Тимчо Муџунски, по вечерашниот состанок на Извршниот комитет. Техничката влада под водтсво на Талат Џафери, додаде Муцунски, „нема никаков легитимитет, истата е само коалициски договор помеѓу СДСМ и ДУИ“.
Според најавите од ВМРО-ДПМНЕ партијата, имињата на кандидатите за техничката влада, ќе ги соопшти следната недела.