Станува збор за случај за кој домашните судови пресудија дека новинарот и уредникот треба да му платат над 9 000 евра отштета на Мијалков за клевета и навреда. Според одлуката на Стразбур, на тужителите им е одредена нематеријална отштета од 3 000 евра
„Фокус“, поточно уредничката Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов го „добија“ ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, во Судот за човекови права во Стразбур. Апликацијата беше поднесена во 2016 година, откако весникот и новинарите пред домашните судови беа осудени за клевета и навреда на тогашниот директор на УБК, за што му платија отштета од над 9 000 евра.
Текстовите беа објавени во сега згаснатиот дневен весник „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор на Чешка, Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков.
„Судот смета дека оспорените одлуки претставувале мешање во правото на апликантите на слобода на изразување. Случајот се однесува на жалбата на апликантите според член 10 од Конвенцијата, дека исходот од граѓанската постапка за клевета против нив го повредил нивното право на слобода на изразување“,
се наведува во одлуката на Судот, објави „Фокус“ во своето веб-издание.
Во одлуката се појаснува дека новинарот и медиумот пишувале за прашања од јавен интерес, поврзани со шефот на тајната полиција, а кои можеле да придонесат во јавната дебата.
Според одлуката на Стразбур, на тужителите им е одредена нематеријална штета од 3 000 евра.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.
