Според првичните информации на МВР, еден од повредените се здобил со повреда од оружје. Тој, заедно со другите две лица е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и е во стабилна состојба, информираа од болницата во изјава за МИА
Три лица, меѓу кои и 17-годишник, се повредени во физичка пресметка која доцна попладнево се случила во близина на поликлиниката „Бит-пазар“ во скопски Чаир, објави Министерството за внатрешни работи (МВР), според првичните информации.
Повредените на возраст од 17, 20 и 23 години се пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Според првичните информации на МВР, еден од повредените се здобил со повреда од оружје.
„На 7.04.2023 околу 18 часот во СВР Скопје пријавено е дека дошло до физичка пресметка во близина на поликлиника ‘Бит Пазар’ во Скопје, а непосредно потоа од ГОБ ‘Св.Наум Охридски’ е пријавено дека за лекарска помош се пренесени А. Б. (20) со повреда на десна рака од оружје, како и А. Б. (23) со повреди од тврди предмети и 17-годишен малолетник со повреди од физички напад“,
се вели во првичното соопштение на МВР.
Во изјава за МИА, од ГОБ „Св. Наум Охридски“ велат дека кај нив биле донесени две повредени лица – едното со повреда во пределот на дланката, а другото со повреда на главата од цврст предмет.
„Двајцата се во стабилна состојба и во тек се соодветни испитувања“,
посочуваат од болницата во изјава за МИА.
МВР презема мерки за расчистување на случајот.