Радио слободна Европа (РСЕ) денеска објави дека СОЗР склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан“, во која Власе Танаскоски, роднина на директорот Ивица Томовски, е раководител на подружница во Охрид
Фирмата „Праеториан“ од Скопје заедно со „Фил-руж“ од Свети Николе ќе врши „физичко, техничко и патролно обезбедување на објекти на државната управа“ во следните три години за сума од 187 милиони денари или околу три милиони евра. Тендерот е спроведен од владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР). Одлуката за избор на најповолен понудувач е донесена на 23 декември 2024 година, а во меѓувреме е потпишан и договорот.
Во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, директорот на СОЗР, Ивица Томовски, беше прашан дали тоа што „Праеториан“ за 2023 година има приходи од само 220 илјади евра, додека „Фил-руж“ од 250 илјади евра, а сега добиваат договор кој тежи еден милион евра годишно, може да го доведе во прашање квалитетот на услугата.
Томовски: Она што јас го направив, како и за многу други тендери, и овдека направив олеснување на условите најмалку за педесет проценти, за да може да се зголеми конкуренцијата. На оваа јавна набавка имаат конкуриран четири фирми, што не беше случај во минатото. Изминатите шест години имаше само една фирма која конкурира и секогаш го добивала тендерот на максималната вредност. Од четирите фирми, две не ги исполнуваат условите, две ги исполнуваат условите. Следи некаква жалба, па потоа следи некаква аукција, па повторно имаше некаква жалба, па повторно завршна аукција. Сега бевме во фаза на потпишување на договорот.
360°: Сè уште не е потпишан?
Томовски: Потпишан е договорот.
360°: Колку е вкупната сума?
Томовски: Мислам дека 180 милиони денари за три години. Практично тригодишен договор, не е едногодишен. Тригодишен договор со 187 милиони, да бидам малку попрецизен. Значи, три милиони евра, практично милион евра годишно. Зошто не ме плаши дали ќе ја завршат работата, е тоа што има соодветно сериозно висока банкарска гаранција којашто треба да ја приложат. Таа е во висина од дваесет милиони денари. Реално, не познавам фирма, компанија или човек којшто би ризикувал дваесетмилионска банкарска гаранција да изгори поради негова несериозност и непрофесионалност.
На прашањето дали за него е аларм пресметката што ја направила една од фирмите кои конкурирале, која покажува дека кога вкупната сума ќе се подели со бројот на луѓе неопходни за да се изврши услугата и периодот, се добива количник кој е понизок од сумата за исплата на минимална плата на тие луѓе, Томовски рече дека се чувствува сосема спротивно.
Томовски: За мене, искрено, ова е радост, затоа што сум ја заштедил државата или буџетот на државата за 30 милиони денари. Реално, како човек од страна на државата, за мене е некаква предност бидејќи не давам енормни цени. Со тие 30 милиони денари во иднина ќе планираме некои други дупки, да не речам, да закрпиме, некоја вила да реновираме и да пуштиме некој нов објект.
360°: Вака теоретски поставено звучи логично, како домаќински пристап, рационално трошење на парите, но прашањето е дали услугата што се бара ќе биде испорачана со соодветен квалитет?
Томовски: Јас сум сигурен дека ќе биде исполнета. Како што кажав, тука ми е адут банкарската гаранција.
РСЕ: Роднини на директорот Томовски работат во „Праеториан“?
Радио слободна Европа (РСЕ) денеска објави дека СОЗР склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан“, во која Власе Танаскоски, роднина на директорот Ивица Томовски, е раководител на подружница во Охрид.
СОЗР го распишала огласот на 10 октомври 2024 година. До тој момент, компанијата „Праеториан“ е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а како управител е заведена Анета Јарчева.
Сепак, според документите што ги објави РСЕ, осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски влегува во „Праеториан“. Два дена претходно, на 16 октомври, сопствениците на компанијата поднесуваат барање до Централниот регистар за регистрирање на подружница и именување на нејзин раководител, а тоа е Власе Танаскоски.
Адресата на која е регистрирана подружницата на „Праеториан“ е на улица „7 Ноември“ бр. 262 во Охрид. РСЕ пишува дека е симптоматично тоа што на оваа адреса се наоѓа седиштето на компанијата „Гашо пласт“, чиј сопственик e Дарко Гашиќ, кој, пак, е прв братучед на директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
Новинарите на РСЕ му ги предочиле овие информации на директорот Томовски, прашувајќи го и за роднинските врски со Танаскоски и Гашиќ, но и потенцијалниот непотизам и судир на интереси, на што Томовски одговорил дека такво нешто нема.
Тој за РСЕ рекол дека нема информации оти Власе Танаскоски е дел од „Праеториан“ и дека подружницата на која тој е раководител е регистрирана на адреса на фирмата на неговиот прв братучед Дарко Гашиќ.
За Власе Танаскоски вели дека не му е прв братучед. На прашањето на РСЕ во каква роднинска врска се, Томовски вели „може да му биде некој многу далечен роднина, а можеби и ништо“, додека за Дарко Гашиќ потврди дека му е братучед.
„Слободно проверете сопствеништво. Јас ќе ви стојам на располагање да ви дадам секакви информации што се однесува до институцијата. Ако има нешто такво, јас сум спремен да одговарам. Но, да не заборавиме што сум направил јас за тој тендер, сум ги олеснил условите за 50 насто за да можат повеќе компании и зголемена конкуренција и да се намали вредноста на тендерот. Сум заштедил за државата 30 милиони денари“,
изјави директорот на СОЗР, Ивица Томовски, за РСЕ.