На ваков заклучок упатува Бирото за јавни набавки преку упатство кое е објавено јавно, а во кое на институциите им се укажува дека можат да го ограничат првото на учество на тендери на фирми од одредени земји, согласно членот 27 од Законот за јавни набавки
Многу подиректно, извор од МНР за „360 степени“ вели дека компании од Кина и од Русија се непосакувани на повиците за јавни набавки што ги објавуваат државните институции во земјава
Бирото за јавни набавки на својата веб-страница објави упатство кое во својот наслов навестува материјал од технички карактер – „Примена на член 27 од Законот за јавни набавки“. Впечатокот не се менува и по првите реченици од документот, каде се укажува дека странските фирми од земји со кои Македонија има соодветни договори за недискриминација во јавните набавки, мора да уживаат еднаков третман во земјава.
Меѓу редовите
Но, веќе кон крајот на првиот параграф од текстот, од Бирото за јавни набавки потсетуваат дека договорните органи во земјава имаат право да ги ограничат правата на фирми кои доаѓаат од земји со кои Македонија нема договори кои гаранатираат исти права за македонските фирми на тамошните пазари на јавни набавки.

„Од членот 27 произлегува дека договорниот орган може да го ограничи правото на учество на економски оператори од земји кои не се потписнички на Спогодбата за јавни набавки на СТО или од земји кои не презеле обврска да ги отворат своите пазари на јавни набавки за економски оператори од Република Северна Македонија согласно со ратификувани меѓународни договори или спогодби за слободна трговија“,
пишува во дел од објавата на Бирото за јавни набавки.
Во продолжение, може да се прочита и зошто токму сега Бирото за јавни набавки испраќа вакво упатство.
„Секако, договорниот орган може да одлучи воопшто да не го ограничува правото на учество без оглед на земјата на регистрација на економските оператори, што досега беше вообичаена пракса. Сепак, а имајќи ги предвид случувањата во меѓународните трговски односи, Бирото укажува на можноста за ограничување на правото на учество според земјата на регистрација на економските оператори од земји кои не се во опфат на членот 27 од законот“,
објави БЈН.
Со кои држави имаме потпишани договори или спогодби за јавни набавки
Во упатството не се набројани државите кои не се во опфат во членот 27 од Законот за јавните набавки и според тоа потенцијално можат да бидат исклучени од тендери. Но, набројани се земјите кон чии фирми не смее да се постапува понеповолно поради потпишани договори. Тоа се:
- Спогодба за јавни набавки (ГПА) на Светската Трговска Организација имаме потпишано со САД, Ерменија, Австралија, Канада, ЕУ (сите 27 членки), Хонгконг, Исланд, Израел, Јапонија, Република Кореја, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Холандија во однос на Аруба, Нов Зеланд, Норвешка, Сингапур, Швајцарија, Тајпеј, Украина, Обединетото Кралство;
- Спогодба за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европските заедници и нивните земји членки со земјите членки на ЕУ;
- Договор за слободна трговија меѓу Република Македонија и ЕФТА државите со Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн;
- Договор за пристапување кон ЦЕФТА со Србија, Албанија, Молдавија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово;
- Договор за слободна трговија со Република Турција;
- Договор за слободна трговија со Украина;
- Спогодба за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
„Не“ за руски и кинески фирми
Само посредно, од документот може да се заклучи дека Бирото укажува на можноста да се ограничи пристапот до јавните набавки во земјава на фирми од земјите кои не се споменати погоре.

Извор од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, сепак, беше многу подиректен по објавата на Бирото за јавни набавки. Компаниите од Русија и од Кина не се посакувани на домашните јавни набавки, кажа упатениот соговорник.
Истовремено, изворот од МНР вели дека во тек е подготовка и на нов закон за скрининг на инвестиции од надвор, кој се очекува наскоро да влезе во владина процедура.
БЈН за известувањето
За целта на објавеното упатство за употреба на член 27 од Законот за јавни набавки „360 степени“ праша и во Бирото за јавни набавки (БЈН). Ни одговорија дека тоа е за да им се овозможи на договорните органи и на економските оператори појасно и еднообразно разбирање на условите, начинот и постапките за негово спроведување.
Со тоа, како што додаваат оттаму, се прецизираат ситуациите во кои членот 27 може да се примени, како и чекорите што треба да се преземат со цел да се обезбеди законито, транспарентно и правилно постапување.
„Важно е да се истакне дека ова не е нова законска одредба, туку член што постои од моментот на донесувањето на Законот за јавни набавки. Со известувањето не се воведуваат нови правила, туку се појаснува веќе воспоставената законска рамка со цел доследна примена. Дополнително, целта на оваа одредба е да обезбеди рамноправна позиција и еднаков пристап до пазарите на јавни набавки на нашите домашни понудувачи во однос на странските, особено имајќи ја предвид актуелната состојба во меѓународната трговија“,
велат од БЈН.
Оттаму објаснуваат и дека член 27 овозможува приспособување во специфични ситуации, со што се штити начелото на еднаков третман и недискриминација на домашните економски оператори, кои треба да ги уживаат истите овие права да настапат на пазарите на трети земји, како што понудувачите од трети земји ги имаат на пазарот на јавни набавки во нашата земја.
Тоа, според БЈН, е суштината на сите договори и спогодби кои се наведени во предметната законска одредба.

„Со ова, Бирото за јавни набавки има за цел да ја зајакне правната сигурност на сите учесници во процесот на јавни набавки, да обезбеди доследна и коректна примена на законските одредби, да спречи погрешни толкувања или можни злоупотреби на членот 27, да придонесе кон поефикасни, стабилни и транспарентни јавни набавки и да овозможи фер пазарни услови за домашните понудувачи во контекст на глобалните економски околности“,
додаваат од БЈН.
Подеталното известување за член 27, според Бирото се актуализира со неодамнешна пресуда на Европскиот суд на правдата C-652/22 која се однесува на учеството на економски оператори од трети земји во постапките за јавни набавки во земјите членки на ЕУ.
„Иако пресудата на Европскиот суд на правдата нема директна примена во Република Северна Македонија, таа дава контекст за правилна примена на одредбите на Директивите за јавни набавки кои се транспонирани во Законот за јавните набавки во поглед на начелото на еднаков третман и недискриминација“,
велат од Бирото.
