Фирма што не постои правела сертификати, а фирмата за монтажа и сервисирање лифтови ги користела таквите сертификати и од 2018 година добивала тендери, најмногу од државни институции. ДКСК поднесе иницијатива до обвинителството и очекува тоа да постапи експресно
Фирма од Скопје со фалсификувани документи, ИСО-сертификати и потписи, конкурирала и во периодот од 2018 до 2022 година има добиено најверојатно околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции, кои издвоиле буџетски средства.
Ова е предмет што на денешната седница, јавува МИА, го образложи Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), од каде ќе биде доставена иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство во Скопје, како и предупредување до Владата да ги известат сите надлежни органи во постапките за лифтови, доколку се појави таа фирма.
Од ДКСК нагласуваат дека не смеат да го објават името на фирмата, но изразуваат надеж дека за овој случај ЈО ќе постапи експресно. Оваа фирма била поврзана уште со две други фирми од Скопје, кои исто така работат на монтажа, сервисирање и одржување лифтови, на тој начин што управителот на фирмата е вистински сопственик на двата други трговски субјекта.
Како што појасни Георгиев, предметот во ДКСК е по пријава за наводи за сомнежи за користење фалсификувани ИСО сертификати од страна на фирма за сервисирање, ремонт и монтирање лифтови, со цел да се добие тендер во ЈЗУ Општа Градска болница во Скопје.
Георгиев, одговарајќи на новинарски прашања, појасни дека е направено истражување на податоците што веќе се достапни во Бирото за јавни набавки и економскиот оператор што конкурирал постои и е заведен во Централниот регистар, а од 2018 година досега според податоците од веб-страницата на БЈН има добиено 90 тендери.
„Фирмата што не постои, што ја нема во правниот промет е фактички фантом фирма, со свој домејн, која всушност ги правела фалсификатите. Фирмата пак што постои ги користела сертификатите за да конкурира и да го добие тендерот. Затоа ние имаме основано сомнение дека можеби, а тоа треба да го утврди понатаму евентуално јавниот обвинител преку своите истраги, дали и овие други 90 тендери се добиени со истите фалсификувани сертификати“,
појасни Георгиев.
Според него, за оваа фантомска фирма и физичко лице ДКСК нема податоци.
Тој појасни дека фантом фирмата во дописите има некој домејн што завршува на „ет џи-мејл“, постои некаде и на некоја адреса, меѓутоа ја нема заведено никаде во Централниот регистар.
Хрватската компанија до која се обратиле од Антикорупциска и е сертифицирана на меѓународно ниво од akreditacija.hr ги информирала дека таква фирма не соработува со нив, иако фантомска фирма користи сертификати издадени од нив. Дури и самиот директор од хрватската компанија потврдил дека тоа не е неговиот потпис.
„Ова се некои стари скенирани извадоци од некои нивни сертификати, само склопени и оваа фирма понатаму ги користела при пријавите на тендерите“,
рече Георгиев.
На новинарско прашање дали директорот на хрватската фирма најавил дека ќе покрене некаква постапка, Георгиев информира дека според наводите на директорот, од 2014 година таа воопшто немаат контакти со земјава. Сепак, директорот на хрватската фирма посочил дека и други фирми од нашата држава прашувале за тоа дали тој е овластен за сертификатите.
„Сето тоа наведува на друга постапка дека можеби и други фирми користат од овие сертификати фалсификувани од ова лице, бидејќи и други економски оператори од државава се интересирале околу тоа дали хрватската фирма ги издава сертификатите или се тоа фалсификат. Тој децидно вели дека тоа се, како што вели, фалсификати дури и на хрватски јазик се пишувани, што вика, не е тоа хрватски јазик и има многу грешки во самите текстови во сертификатите. Тој децидно вели дека тоа се фалсификати“,
изјави Георгиев од ДКСК.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска одговарајќи на новинарско прашање дали доколку до Антикорупција не пристигнала пријава фантомската фирма ќе продолжела со учество на тендери и каде е одговорноста кај институциите, потенцира дека институциите немаат обврска да ги проверуваат лиценците.
„Наша препорака би била да си ги проверуваат лиценците за да не дојдат до вакви состојби“,
рече Ивановска.
Според Софка Пејовска-Дојчиновска, член на ДКСК, се работи за класичен криминал и доколку овие субјекти дејствувале подолг временски период ќе се открие дека тие работеле не само кај јавни субјекти, туку и во станбени згради. Таа укажа дека таа група која функционирала ја знаела слабоста на актуелниот закон.