Делегациите на Финска и Северна Македонија ќе одржат билатерална средба, а премиерите ќе имаат и заедничка прес-конференција. Од МВР велат дека поради доаѓањето на финската делегација ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на Скопје и апелираат граѓаните да ги почитуваат наредните на полицијата

Финската премиерка Сана Марин утре ќе дојде во официјална посета на Северна Македонија. Според агендата, предвидено е таа да пристигне во Скопје попладне околу 14 часот, а пред платото на владата ќе ја пречека премиерот Димитар Ковачевски.
Двете делегации ќе имаат билатерален состанок, а Марин и Ковачевски ќе одржат и заедничка прес-конференција.
Од МВР најавија дека во центарот на Скопје има посебен сообраќаен режим во тој период и апелираат до возачите да ги почитуваат наредните од полицајците.
„На 20.06. и 21.06.2022 (понеделник и вторник) во официјална посета на Република Северна Македонија ќе пристигне премиерката на Република Финска, Сана Марин. Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Скопје. МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициски службеници“,
велат од МВР.
Финска заедно со Шведска, се двете земји кои по руската инвазија на Украина решија да ги променат своите безбедносно неутрални политики и да побараат да влезат во НАТО сојузот. На 18 мај властите официјално ги поднесоа барањата за членство, а истиот ден владата во Скопје на вонредна седница го овласти нашиот амбасадор во НАТО, Дане Талевски, да даде согласност за прием.
