„Жално е што досега не произлегло решение кое би значело дека доколку работите на одреден предмет, а некоја друга институција веќе го работи тој предмет, да светне некој аларм и да каже дека во моментот таа институција го работи тој предмет и ние целосната документација којашто ја имаме прибавено да ја предадеме на таа институција“, вели првиот човек на Управата за финансиска полиција на прашањето дали има совпаѓања во постапувањето на институциите

Постои системски проблем и за некои предмети има совпаѓање во работата на истражните органи, посочува директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
„Во делот на финансискиот криминал каде што сме надлежни и стручни ние, имаме поклопување со МВР. Ние имаме системски проблем. Системскиот проблем кој е? За еден одреден предмет постапуваме повеќе институции. И жално е што досега не произлегло решение кое би значело дека доколку работите на одреден предмет, а некоја друга институција веќе го работи тој предмет, да светне некој аларм и да каже дека во моментот таа институција го работи тој предмет и ние целосната документација којашто ја имаме прибавено да ја предадеме на таа институција“,
вели Ивановски.
Како што вели тој, иако со МВР се координираат и имаат одлична соработка, има предмети во кои кога Финансиската полиција ќе стигне до напредна фаза каде што прибира документација, повикува сведоци, собира известувања од институции и слично, дури тогаш дознава дека за истиот тој предмет работат и МВР и Јавното обвинителство. Токму тоа, вели Ивановски, е заедничкиот предизвик за овие три институции, да се најде системско решение при што сите три нема да трошат ресурси и време за ист предмет.
На прашањето, ако веќе има координација, како се случи за предметот „Државна лотарија“, по кој поранешниот вицепремиер Артан Груби остана недостапен за органите на прогонот, и МВР и Финасиската полиција поднесоа кривична пријава, Ивановски одговара:
„Во делот на Државна лотарија и во делот на други предмети коишто се поголеми, воспоставивме пракса со МВР затоа што имаме одлична соработка, да работиме различни сегменти. Односно, по еден предмет, дел од доказите да ги сработиме ние, дел од аспектите да ги истражиме ние, дел да ги сработат тие. Тоа се воведе како пракса за да не трошиме енергија на исти предмети“.
Ако набавката на видеолотариските терминали беше предмет на кривичната пријава од Финансиската полиција, дали тоа значи дека кривичната што МВР ја поднесе за „Државна лотарија“ воопшто не е преточена во истрага од Јавното обвинителство?
„Ние поднесовме пријави во делот за набавката на видеолотариските терминали. Тоа е јавна набавка од околу 500 милиони денари. Утврдивме одговорност, односно имаме основи на сомневање во делот на одговорноста на ексдиректорот на Лотарија. Јас не можам да зборувам за делот на МВР, затоа што тие го работеа другиот дел во тој предмет, така што во делот на пријавата којашто е поднесена од Управата за финансиска полиција, одговорно тврдам дека тој дел ни е издржан, добро ни е сработен и мислам дека и за другиот дел којшто доаѓа од МВР ќе биде отворена истрага, така што, да видиме, тоа е работа на Јавното обвинителство и не би навлегувал во квалификации или оценки во работата на другите органи“,
рече Ивановски.
Тој е дециден дека меѓу нив и МВР не постои ривалство, туку дека се партнери во борбата против организираниот криминал и корупцијата.