„За првпат со овој извештај директно се посочува дека финансиската независност на судството е проблем во однос на целосно остварување на независноста, односно фактот дека судството зависи целосно од тоа каков буџет ќе му биде доделен, дали ќе ги добие тие 0,8 отсто од бруто-домашниот производ, гарантирани со закон, или тие 0,2 до 0,3 отсто што ги добива секоја година, а кои очигледно не ги задоволуваат потребите“, вели судијката во Врховниот суд

Извештајот на Европската комисија, објавен минатата недела, ја отсликува реалната состојба на нештата во земјата. Ова е ставот на Мирјана Лазарова-Трајковска, актуелна судијка во Врховниот суд, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права, поранешна уставна судијка и членка на Венецијанската комисија.
Лазарова-Трајковска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека извештајот првпат подиректно ги посочува двата најголеми проблеми во правосудството, а тоа се финансиската независност и надворешните влијанија.
„За првпат со овој извештај директно се посочува дека финансиската независност на судството е проблем во однос на целосно остварување на независноста, односно фактот дека судството зависи целосно од тоа каков буџет ќе му биде доделен, дали ќе ги добие тие 0,8 отсто од бруто-домашниот производ, гарантирани со закон, или тие 0,2 до 0,3 отсто што ги добива секоја година, а кои очигледно не ги задоволуваат потребите. Бидејќи тоа се пари од кои не се покриваат само платите на судиите, туку и платите на стручните соработници и сите тие што помагаат во изрекувањето на правдата, а исто така поврзани се и со капитални инвестиции, дигитализација, купување опрема. Ако го погледнете буџетот, ќе видите дека тоа се многу ниски ставки, што значи пари што насушно му се потребни на судството за да може да функционира ефикасно. Вториот проблем на кој укажува директно извештајот се надворешните влијанија кон судството како форма на притисок кој влијае на недоволната независност. Ние имаме и неколку пресуди на Европскиот суд за човековите права каде што судот кажа дека понекогаш изјавите на јавни личности влијаат на одлуките на судовите. Од друга страна, имаме, ако се сеќавате, една анкета од 2023 година на ОБСЕ, која исто така посочува на голем број надворешни влијанија во судството, почнувајќи од членовите на Судскиот совет, преку бизнисмени, невладини, па и новинари, политичари итн. Значи, сите форми на надворешни влијанија што се насочени кон судството, влијаат на независноста, меѓутоа влијаат и на интегритетот на судството“,
вели Лазарова-Трајковска.
Во извештајот, меѓу другото, пишува дека целокупната независност и финансиската автономија на судството се поткопани од мешањето и притисокот од другите државни власти, вклучувајќи ги и обидите на парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставки, како и од ограничените доделени финансиски ресурси.
Лазарова-Трајковска беше прашана и дали овој пристап од документот на ЕК го поместува тежиштето во јавна дебата за тоа каде е вината за немањето квалитетна и ефикасна правда, бидејќи досега главната вина се лоцираше кај судиите и кај јавните обвинители.
„Овој извештај за 2024 година ги отсликува состојбите од 2024 година, вклучително и последните случувања до објавувањето на извештајот до септември 2025 година. Овде не е опфатен експлицитно упадот во судството со измените на Кривичниот законик од 2023 година, меѓутоа и тој упад има свое влијание за постапувањето на судот, кое се преточува и во овој извештаен период, затоа што во меѓувреме не се донесе нов Кривичен законик, не се изменија одредбите од Кривичниот законик во кои беше извршен упад, и тоа е, на некој начин, споменато некаде понатаму во извештајот. Меѓутоа, за мене клучно е тоа што извештајот ги детектира овие форми на притисок. Обично се мисли дека притисокот доаѓа од извршната власт, од изјавите на високите функционери итн., меѓутоа притисокот доаѓа и од законодавната власт. Еден пример е овој случај со интерпелацијата на членовите на Судскиот совет, затоа што низок интегритет на Судскиот совет во очите на граѓаните е низок интегритет на судството, затоа што тоа е административно-судско тело кое треба да се бори за независноста на судството, а не успева да се справи со својот статус и со своето место во правосудството“,
вели таа.

Сепак, Лазарова-Трајковска нема дилеми дека одговорност има и во самото судство и јавно обвинителство.
„Затоа што продуктот на тоа дали судството е независно или не е независно, дали е под влијание на едни или други, се одлуките на судовите. И ако некои од тие одлуки не се изречени правилно, транспарентно, навреме, тогаш кај граѓаните се добива впечаток дека судството не си ја врши работата како што треба“,
смета таа.
Лазарова-Трајковска вели дека случаите како оној кога врховен судија и член на Советот на јавни обвинители беа фатени во случај на примање мито заради влијание врз судски предмет, треба да се пријавуваат и да бидат расчистувани.
„Нема друг начин. Генерално, генерализирање и повикување дека постои корупција во судството, дека судиите се подложни на влијанија преку некакви услуги итн., не води никаде, кон никаков исход. Само на конкретни предмети, во конкретни ситуации ќе можеме да се справиме со тие состојби. Очигледно дека ги има. Има такви примери. Ова е еден последен пример кој на незадоволство на јавноста заврши без судски епилог, без судска пресуда, заврши со спогодба. И тоа е уште еден индикатор на незадоволство кога граѓаните сакаат да видат конкретна постапка, конкретен исход. Тоа е она чувство што ги прави граѓаните и почитувачите на реформите во правосудството незадоволни, бидејќи се создава импресија на селективна правда. Ние ги спомнавме овие случаи, меѓутоа наназад неколку години спогодбата се користеше во предмети што во принцип му нанесоа штета на интегритетот на судството. Затоа и пристапот на селективна правда беше спомнат во претходниот извештај. Сега овде нема споменување селективна правда, меѓутоа се оди во една друга насока кога се зборува дека државата не успева да се справи со корупцијата и со организираниот криминал на соодветен начин, бидејќи не може вие да имате корупција во една област, а да ја нема во обвинителството, да ја нема во судството, во полицијата. Затоа и се вели организиран криминал, тој има повеќе верижни алки што се врзани една за друга. И такви предмети во кои има такви факти, такви елементи, заслужуваат поголемо внимание и многу поголема транспарентност“,
вели Лазарова-Трајковска.
