Како што информираат од Финансиската полиција, Бислимоски не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје против претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски, поради сомнение за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што информираат од Финансиската полиција, Бислимоски не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива.
Лиценцата наместо да биде одземена во јануари 2024 година, постапката е прекината со незаконско решение и лиценцата е одземена дури во април 2025 година.
„Пријавениот М.Б. во својство на претседател на РКЕ ги злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што спротивно на Законот за енергетика и правилникот за лиценци, иако бил должен да почне постапка за одземање лиценца за вршење енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – трговија на големо со еуродизел, биодизел, еуросупер БС – 95, екстралесно, течен нафтен гас на правното лице ‘Тритерол петрол‘ ДООЕЛ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, таа е одземена дури на 14.04.2025 година“,
се вели во соопштението од Финансиска.
Со тоа, на компанијата и било овозможено да работи уште околу 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавните набавки.
Според Финансиска, во тој период компанијата „Тритерол петрол“ остварила промет од 194 520 962 денари или од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од 14 093 576 денари или од 229 илјади евра.
