Пријавениот ги надминал и ненаменски искористил и дел од предвидените износи во буџетот на Општината за трошоци за прехранбени производи и пијалаци, набавувајќи производи кои не се за потребите на Општината. Купени биле повеќе видови млечни и сувомесни производи, поголеми количини алкохолни пијалаци, како и други видови производи кои по својата природа се наменети за домашна потрошувачка кошничка
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци против градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов, поради сомнение дека сторил две кривични дела – фалсификување исправа и злоупотреба на службената положба и овластување.

Според соопштението од Финансиска полиција, пријавениот С.Н., во својство на градоначалник на Општина Росоман, во текот на 2022 и 2023 година постапил спротивно на Закон за градење, на начин што изготвил шест лажни јавни исправи, од кои четири одобренија за градење и две одобренија за реконструкција на улици.
„Истите во текот на 2022 и 2023 година ги употребил како вистински во правниот промет, а притоа, иако бил должен не ги водел во јавната евиденција, односно во информацискиот систем ‘Е-одобрение за градење’, на кој начин за период од 2022 до 2024 година искористени се парични средства во износ од 14 023 318 денари обезбедени од страна на Центарот за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој, парични средства во износ од 6 740 517 денари обезбедени од страна на општина Росоман и парични средства во износ од 15 134 066 денари обезбедени од страна на Министерство за транспорт“,
се вели во соопштението од Финансиска полиција.
Со фалсификуваните лажни јавни исправи, одобренија за градење и реконструкции, го оштетил буџетот на Општина Росоман, на Центар за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој и Министерство за транспорт во вкупен износ од 35,9 милиони денари. Со тоа, пријавениот, според Финансиска полиција, го сторил кривичното дело фалсификување исправа.
Покрај тоа, пријавениот свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист во својство на градоначалник на Општина Росоман од 8.11.2021 година, ги надминал предвидените износи во буџетот на општината за трошоци за репрезентација за износ од 184 744 денари, за 2022 година за износ од 800 348 денари, за 2023 година за износ од 821 821 денари и за 2024 година за износ од 310 662 денари.
„Ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во буџетот за трошоци за горива и масла (моторни возила) во текот на 2022 година за износ од 159 351 денари, за 2023 година за 44 102 денари, потпишувајќи и овозможувајќи од сметката на општина Росоман да се исплатат парични средства за нафтени деривати за возила кои не се во сопственост на општината“,
информираат од Финансиска полиција.
Исто така, ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во буџетот на општина за трошоци за прехранбени производи и пијалаци во текот на 2021 година за износ од 40 188 денари, за 2022 година за износ од 135 440 денари и за 2023 година за износ од 66 920 денари, набавувајќи производи кои не се за потребите на општината.
Како што се вели во соопштението на Финансиска, купени биле повеќе видови на млечни и сувомесни производи, поголеми количини алкохолни пијалаци, како и други видови производи кои по својата природа се наменети за домашна потрошувачка кошничка.
Воедно, неосновано склучил договори за управување со градежно земјиште во сопственост на РСМ со лица вработени во Општина Кавадарци за 2023 година на износ од 242 000 денари.
На тој начин направил штета на буџетот на општината од 2,9 милиони денари, со што, според Финансиската полиција, пријавениот сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.