Во врска со наводите за фазна имплементација на Законот, од МЗ појаснуваат дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени
Остануваме целосно посветени на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови, информираат денеска од Министерството за здравство (МЗ), додавајќи дека во моментот се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата.
Потоа, како што се вели во соопштението од ресорното министерство, финалната верзија следната недела ќе биде доставена до Владата.

Во врска со наводите за фазна имплементација на Законот, оттаму појаснуваат дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието.
„Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо и на долг рок“,
велат од МЗ.
Целите на донесување на овој Закон, според министерството, остануваат јасно и непроменети, а тоа е спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Министерството за здравство, додаваат оттаму, останува отворено за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
За потсетување, новиот предлог-закон предвидува забрана за пушење на сите видови цигари и уреди, не само класични цигари, туку и електронски цигари и вејп-уреди, во сите затворени угостителски објекти, компании, во и пред јавни институции, како и во училишта, градинки, автобуски и железнички станици, пазари, културни и спортски објекти.
Покрај тоа, се предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажување и изложување на тутунски и никотински производи.
Забрането е пушење и во автомобил доколку во возилото има дете.
Казните за граѓаните изнесуваат од 150 до 300 евра, а за фирмите до 5 000 евра.
