Меѓународната скијачка федерација (ФИС) ќе го промени распредот за петте натпреварувањата од Светскиот куп што до крајот на актуелната сезона беа закажани на територијата на Русија, а „Манчестер Јунајтед“ го прекина договорот за спонзорство со Аерофлот
На итниот состанок на кошаркарската Евролига денеска е одлучено натпреварите да не се играат во Русија, туку руските клубови да бидат домаќини на неутрален терен.
Во состанокот на 18 клубови кои се натпреваруваат во Евролигата, по повод конфликтот меѓу Русија и Украина, меѓудругото е одлучено да се да се одложи натпреварот помеѓу ЦСКА и Барселона, кој беше закажан за недела, 27 февруари.
Во соопштението се наведува дека Евролигата ќе анализира различни опции за спроведување на одлуките и ќе го претстави планот пред Извршниот одбор.
„Донесени се одлуки да се заштити интегритетот на натпреварувањето, да се овозможи тимовите да го бранат своето право да се натпреваруваат на теренот, изолирајќи го спортот од какви било политички дејствија“,
истакнуваат од Евролигата.
Претходно, Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) објави денеска дека донела одлука да го премести одигрувањето на финалниот натпревар во Лигата на шампиони (ЛШ) од Санкт Петерсбург во Париз, имајќи ја предвид руската инвазија на Украина.
Согласно одлуката на УЕФА, финалето во најелитното европско клупско натпреварување ќе се одигра на 28 мај на стадионот „Стад де Франс“, на кој се одржа и финалето во 2006 година, кога Барселона го победи Арсенал.
УЕФА, исто така, додаде дека сите домашни натпревари на украинските и руските клубови и репрезентации, кои учествуваат во европските натпреварувања, ќе се играат на неутрални терени додека не биде донесена нова одлука.
И Меѓународната федерација за авомобилизам презеде мерки против Русија, со тоа што ја избриша од календарот трката за Големата награда на Русија. Одлуката била донесена на состанокот на акционерите. Заклучиле дека не е возможно трката да се одржи во вакви околности.
Според календарот, Големата награда на Русија требаше да се вози на 25.септември во Сочи.
Новата сезона ќе започне од Бахреин на 20.март.
Од пред два дена тимовите се во Барселона, каде во тек се официјалните тестирања.
Одлука за откажување или преместување на натпреварувањата донесе денеска и Меѓународната скијачка федерација (ФИС). Се работи за натпреварувањата од Светскиот куп што до крајот на актуелната сезона беа закажани на територијата на Русија.
Одлуката се однесува на вкупно пет натпреварувања во ски крос, слободно скијање, скијачки скокови во женска конкуренција и во скијачко трчање, кои треба да се одржат во периодот меѓу 26 февруари и 27 март.
„Во интерес на безбедноста на сите учесници, и со цел да се зачува интегритетот на Светскиот куп во скијање, сите преостанати настани од Светскиот куп закажани да се одржат во Русија до крајот на сезоната 2021/22 се откажани или преместени на друга локација“,
соопшти ФИС.
Последни кои се запишаа на листата на оние кои преземаат санкции против Русија е англискиот фудбалски прволигаш Манчестер јунајтед кој ги повлече спонзорските права на руската авиокомпанија „Аерофлот“.
„Во светло на случувањата во Украина, ги повлековме спонзорските права на „Аерофлот“. Ја делиме загриженоста на нашите навивачи ширум светот и изразуваме сочувство со оние, кои се погодени“,
објавија од клубот.
„Аерофлот“ во 2013 година стана прв руски спонзор на Манчестер јунајтед и клупски авиопартнер на местото на „Туркиш ерлајнс“.