Министерот за економија и труд својот став го изнесува во интервју за порталот Вокс-ал (Vox-al), во кое говорејќи на темата, порачува дека Бадентеровиот принцип не е ничија сопственост и дека како еден столбовите на Охридскиот рамковен договор ја гарантира еднаквоста на сите заедници во државата
Истовремено тој се осврнува и на реакциите на политичкиот опонент на ВЛЕН, опозициската ДУИ, која, како што вели ги користи овие изјави, иако додека била на власт го користела Бадентеровото мнозинство за да се изгласаат проекти како „Скопје 2014“
Сугестијата на министерот за правда Игор Филков за ревидирање на Бадентеровото мнозинство наидува на негативни коментари и од високи функционери на коалицискиот партнер во власта ВЛЕН.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели оти не знае со каква намера неговиот колега од редовите на коалицискиот партнер ЗНАМ излегол со ваков став, но, според негово мислење Филков тоа го направил за политички поени пред локалните избори.

Дурмиши својот став го изнесува во интервју за порталот Вокс-ал (Vox-al), во кое говорејќи на темата, порачува дека Бадентеровиот принцип не е ничија сопственост и дека како еден столбовите на Охридскиот рамковен договор ја гарантира еднаквоста на сите заедници во државата.
„Не знам каква беше намерата и која беше причината што министерот зборуваше за преиспитување на Бадентер. Мислам дека го кажа тоа за политички поени, за дневна политика, мисли дека ќе покрене некое големо прашање пред изборите. Но, едно нешто што треба јасно да го знае е дека Бадентеровиот принцип е уставна категорија и еден од главните столбови на Охридскиот договор, кој го гарантираше соживотот на граѓаните и сите етникуми во Северна Македонија. Бадентер не е нечија сопственост, тој ја гарантира еднаквоста на сите заедници во земјата“,
вели Дурмиши.
Истовремено тој се осврнува и на реакциите на политичкиот опонент на ВЛЕН, опозициската ДУИ, која, како што вели ги користи овие изјави, иако додека била на власт го користела Бадентеровото мнозинство за да се изгласаат проекти како „Скопје 2014“.
„Да не заборавиме дека оние кои веднаш го искористија и создадоа возбуда во медиумите, кои имаат проблем со својот политички идентитет, кои го експлоатирале Бадентер за политички маркетинг пред неколку години, кога добиле 153 илјади гласови правејќи политички маркетинг и експлоатирајќи го Бадентер. А потоа, гласајќи, добро знаете, за „Скопје 2014“, отишле дотаму што се обиделе дури и лавови да направат албански симболи, доведувајќи историчари од Драч да се залагаат за нив“,
вели Дурмиши во интервјуто, кое во целост ќе биде објавено утре, а во кое, како што наведува порталот Вокс-ал, тој зборува и за мерките на Министерството за економија, политичката ситуација во земјата и локалните избори во октомври.

За постетување, министерот за правда Игор Филков во интервју за „Фокус“, направено пред гласањето во Собранието во саботата , кога не беа изгласани измените во Изборниот законик поради немање Бадентер, а објавено вчера, меѓу другото рече дека се надева оти Собранието ќе ја заврши домашната задачи и нема да дозволи правен вакуум, но доколку тоа не се случи, значи дека употребата на Бадентеровото мнозинство се злоупотребува и ако е така, тогаш можеби е дојдено време да се размисли за потребата тоа да се ревидира бидејќи Македонија мора да оди напред.
На неговиот став, уште додека беше позната само насловната страница на новото издание на магзинот, реагираше потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), поранешен шеф на дипломатијата и актуелен кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, кој во краток коментар на социјалните мрежи напиша дека со ова се потврдува дека планот за демонтирање на Охридскиот договор се реализира чекор по чекор.
Османи денеска говореше пообемно за ставот на Филков, но и за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со сугестиите на неговиот министер за правда.
Според потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир станува збор за стратегија на Мицкоски кој им наредува на министрите да даваат изјави како пробен балон со што би ја нормализирале темата, за потоа тој да излезе со празни негирања што пак претставува негова стратегија за демонтирање на Охридскиот рамковен договор.
„И оваа изјава, која мислам дека е наредена од Советот на министри затоа што министерот не може сам да даде изјава. Нарачана е од премиерот, за потоа да може да излезе и да ја негира, но да се разговараа за темава и да се нормализира, како што беше со балансерот, со албанскиот јазик, со непочитувањето на волјата на граѓаните, да се излезе полека, да се донесе одлука преку ноќ, тоа не поминува“,
рече Османи.
Тој рече оти она што е шокантно е молкот на коалицискиот партнер во Владата, ВЛЕН кон една ваква опасна акција и отворање на опасна дебата, со што е забележливо дека тие (ВЛЕН н.з) остануваат во „скутот“ на ВМРО-ДПМНЕ и покрај фактот дека се гледа оти постои план за демонтирање на Охридскиот мировен договор.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој, пак, е дел од Уставот и оти Рамковниот договор е исполнет во целост и дека тоа е завршена тема, а она што претставувало суштински и институционален проблем, алатката „балансер“, која беше укината од страна на Уставниот суд, сега би требало да се реши со Закон за правична застапеност во кој покрај етничката, ќе има и компонента која ќе оценува согласно квалитетите и компетенциите на кандидатите за вработување.
Претходно вчера, портпаролот и потпретседател на ДУИ, Арбер Адеми, на прес-конференција рече оти ваквите идеи за ревизија се опасни бидејќи така се заоструваат и нарушуваат меѓуетничките односи и оти јавноста е сведок како оваа влада од почеток има агенда системски да го нападне Охридскиот мировен договор, што се покажало со конкретни дела како укинување на „балансерот“, непочитувањето на правичната застапеност и непочитувањето на албанскиот јазик и Законот за албански јазик.