Ова барање, како што кажа министерот за правда на денешната прес-конференција, е засновано на детални податоци, конкретни потреби од терен и известувања доставени од Судскиот совет и Јавното обвинителство
Министерот за правда информира и дека со новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, кој веќе е објавен на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР), се воведуваат одделни јавни повици, при што кандидатите ќе аплицираат за едно конкретно работно место. Имено, кандидатите уште во оваа фаза ќе треба да се изјаснат дали на Академијата ќе се обучуваат за судија или за јавен обвинител и истовремено се воспоставува мерит-систем при рангирањето
Министерот за правда Игор Филков, говорејќи денеска дека неговиот ресор подготвува конкретни мерки за надминување на системските слабости во правосудството, се осврна на случајот со апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом во Неготино беа пронајдени 350 000 евра сокриени во простор од ѕид, оценувајќи го како особено алармантен.

Според министерот за правда, овој случај дополнително ја нарушува довербата во судството и ја доведува во прашање функцијата судија, која, како што кажа на прес-конференција, треба да биде во служба и интерес на граѓаните, а не привилегија.
„Тоа не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита, што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем“,
изјави Филков.
Состојбите во правосудството не смеат да се релативизираат
Осврнувајќи се на актуелните состојби во правосудниот систем, министерот истакна дека Правда веќе работи на утврдување на реалната состојба на терен и подготвува конкретни мерки за надминување на системските слабости.
Таквите состојби, како што кажа, не смеат да се релативизираат ниту да се игнорираат.
„Во изминатиот период јавноста беше сведок на настани и случаи, кои дополнително ја засилија загриженоста за интегритетот, одговорноста и за функционирањето на судството и Обвинителството. Таквите појави не смее да се релативизираат ниту да се игнорираат“,
рече министерот.
Тој посочи дека долготрајното нерешавање на предметите за висока корупција и отсуството на институционален одговор за очигледни сомнежи ја рушат довербата во системот.
„Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор – тогаш граѓаните со право прашуваат каде е правдата“,
кажа тој.
Министерот за правда го прозва и Обвинителството и укажа на сериозни предизвици во неговото работење, меѓу кои недоволна ефикасност, ограничени капацитети и недостиг на решителност во справувањето со најтешките облици на криминал.
Истражувањата за перцепцијата на корупција, како што наведе Филков, покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена.
„Таа доверба не може да се врати преку ноќ ниту со една одлука“,
рече министерот за правда.
Бидејќи станува збор за системски слабости, Филков наведе дека затоа се потребни долгорочни и темелни интервенции со добро насочени реформи, за ваквите појави да не се повторуваат.
Министерството за правда, како што кажа тој, ќе реагира на сите случаи во кои постојат индиции за злоупотреби, а слабостите во системот ќе бидат адресирани со соодветни институционални интервенции.
Или судија или обвинител
Филков во таа насока кажа дека недостигот на судии и јавни обвинители не може да се надмине без соодветна правна рамка и затоа, како што информира, со новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, кој веќе е објавен на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР), се воведува годишен прием во Академијата врз основа на прецизни проекции по судови и по обвинителства, според апелациските подрачја.
Како што појасни Филков, со новото законско решение, се воведуваат одделни јавни повици, при што кандидатите ќе аплицираат за едно конкретно работно место. Имено, кандидатите уште во оваа фаза ќе треба да се изјаснат дали на Академијата ќе се обучуваат за судија или за јавен обвинител.
„Истовремено, се воспоставува мерит-систем за рангирање, каде што најдобрите кандидати имаат приоритет при распоредувањето”,
изјави министерот за правда.

Овие мерки, како што посочи тој, се само еден дел од реформите на кои работело Министерството за правда во изминатиот период.
Во тој контекст, Филков потсети дека е донесен новиот Закон за Судски совет, со кој се зајакнуваат механизмите за отчетност, транспарентност и одговорност, а во владина процедура се законите за судска и јавнообвинителска служба, како и законите за плати во правосудството.
„Пристапот кон овие закони е внимателен и одговорен со цел да се обезбеди системско, одржливо и правично решение, усогласено со реформската агенда и европските стандарди. Се работи за чувствителна материја која бара темелна анализа и сеопфатна институционална координација”,
кажа министерот.
Сериозен недостиг на кадар во судовите и обвинителствата
Во текот на 2024 и 2025 година, како што наведе Филков, Министерството за правда спровело надзор во сите судови во државата при што била констатирана состојбата за секој суд поединечно и предизвиците со кои се соочува. Наодите, меѓу другото, покажале на сериозен недостаток на кадар, односно дека пополнетоста на судиските места изнесува околу 67%, додека пополнетоста на судската служба е само 36%.
Овие бројки, според него, не се апстрактни статистики, туку тие директно значат одложени рочишта, натрупани предмети, преоптоварени судови и сериозен ризик за повреда на фер судење. Особено загрижувачки, како што наведе, е недостигот на судска и јавнообвинителска служба, односно записничари, референти, стручни соработници, информатичка и техничка поддршка. Без овој кадар, правосудството не може да функционира ефикасно, без разлика на квалитетот на законите.
Како одговор на оваа состојба, Филков информира дека Министерството за правда вчера доставило до Министерството за финансии известување со кој укажуваме дека се неопходни итни вработувања во судската и јавнообвинителската служба. Ова барање е засновано на детални податоци, конкретни потреби од терен и известувања доставени од Судскиот совет и Јавното обвинителство.
„Со овој институционален чекор очекуваме да се обезбеди функционалност на системот”,
рече министерот за правда Игор Филков.
