Министерот за здравство вели дека ќе се продолжи со досегашниот пристап, затоа што и овој бран на коронавирусот почнал додека сѐ уште имаше ограничувања
Комисијата за заразни болести во неколку наврати дискутирала дали враќањето на рестрикциите ќе влијае за смирување на епидемијата на ковид-19 во земјава, со оглед на тоа што со денови наназад бројката на заболени не паѓа под 100, а денеска повторно се доближи до 200 нови случаи.
Министерот за здравство Венко Филипче, сепак, вели дека ќе се продолжи со досегашниот пристап, затоа што и овој бран на коронавирусот почнал додека сѐ уште имало рестриктивни мерки.
„И овој бран тргна кога во земјата имаше рестриктивни мерки, но тие не се почитуваа. Според тоа, секое понатамошно олабавување на рестрикциите може да значи нов бран. Олабавувањето на рестрикциите беше во пакет со донесување на меките мерки, како носење маска и одржување растојание. Засега не доаѓа предвид враќање на рестрикциите, но не можам ни да ја исклучам можноста. Епидемиолозите сметаат дека со овој интензивен пристап на анализа на контактите, тестирање и ставање во изолација во следниот период ќе се постигнат резултати. Жариште сега е пред сѐ Скопје и до некаде Тетово, но таму се знаат кластерите и контактите… Сега засега продолжуваме со овој начин на работа“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
