Прво ќе стигнат руските вакцини, потоа и кинеските, а за две до три недели и оние преку Ковакс – системот
Министерот за здравство Венко Филипче вечерва во изјава за Телма рече дека масовната имунизација на населението се планира во април и ќе почне со главната количина од 200 000 дози што ќе стигнат од Кина и со дел од 200-те илјади вакцини од Русија.
„Ова се одолговлече неколку недели, но сите земји се соочени со истиот предизвик, а тоа е недоволно производство за да се задоволат потребите“,
објасни Филипче, зошто неколкупати најавуваната масовна вакцинација во земјава се уште не е почната, иако веќе сме на прагот на четвртиот месец од оваа година.
Од претставници на компанијата и од Руската амбасада вчера е добиена потврда дека ќе стигне и втората количина од вакцината „спутник В“, а во завршна фаза е и договорот, во делот на транспортот, за кинеските вакцини на „Синофарм“. За две до три недели Филипче ги најави и вакцините преку Ковакс – системот „Астра Зенека“.
Освен преку здравствените домови, се планира вакцинацијата да се спроведува и во салата „Борис Трајковски“, каде што ќе има повеќе пунктови.