Министерот вели дека секојдневно се одржуваат состаноци со раководителите на болниците каде се лекуваат најтешките случаи од ковид
Во изминатите две недели најмалку пет лица помлади од 30 години починаа како последица од ковид-19 во земјава. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека тоа се тешки случаи со коморбидитети и се работи за лица кои не се вакцинирани.
„Секојдневно имаме состанок со сите раководители на институции каде што се лечат најтешките пациенти, на Инфективната клиника, на интерните клиники, на Институтот за ТБЦ и во Козле. За жал, тие се невакцинирани луѓе. За жал генерално многу касно доаѓаат пациентите и тоа го констатиравме неколку пати наназад“,
рече Филипче.
Според него, во моментов нема голем притисок во ковид-центрите.
„Добро е што во овој момент има некаква стагнација, не се полнат веќе болниците со таа динамика како што беше досега. Во изминатите два дена има речиси еднаков број на прием во болниците. Нема потреба да се активираат дополнителни одделенија на интерните клиники иако се подготвени“,
рече Филипче.
Околу протоколите за лекување, тој вели дека за сите болници има протокол што неколку пати е ревидиран согласно сознанијата, но за потешките случаи се разговара на координативните состаноци.
„Ние точно знаеме како се лекуваат сите пациенти. Се лекуваат по соодветниот протокол со најмодерните лекови. Немаме недостаток на ниту еден лек. Ние сме единствена земја во регионот која што го има и антителото од оригиналниот производител кое го добивме благодарение на Светска банка. Но, најголем број од пациентите во болниците се невакцинирани. Околу 9 проценти од смртните случаи се вакцинирани, меѓутоа тоа се пациенти кои навистина имаат тешка состојба, имаат сериозни коморбидитети и иако лекувани по сите тие стандарди за жал не може да се помогне“,
рече Филипче.