Лидерот на СДСМ во тој контекст рече дека изминатиот период имало многу, како што кажа, бомбастични најави за скандали од одредени портали и од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, кои немаа никаква разрешница
На коментарите на Филипче реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека лидерот на опозициската партија се обидува да го оправда неоправдливото, односно дека се следеле новинари, медиуми и лидери на партија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, пак, денеска на настан во Владата рече дека во случајот не станува збор само за напад врз него, туку и врз демократијата, врз правото на слобода и врз темелите на државата
Очекувам да има објективно прикажување на работите и доколку е потребно, да има истрага и да биде задоволена правдата. Ова денеска го изјави лидерот на опозицискиот Социјалдемокатски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, коментирајќи ги наводите на актуелното раководство на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека поранешен директор и група вработени во службата ја злоупотребиле својата положба и отвориле оперативни обработки за тогашниот лидер на опозицијата, сега актуелен премиер, Христијан Мицкоски, како и за новинари, бизнисмени и други јавни личности.

Во таа насока, Филипче кажа оти е потребно да се декласифицираат информациите и да се види за што точно станува збор, за да нема, како што рече, лов на вештерки.
„Денеска има изјава и од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и тој самиот бара, еве нека се декласифицираат информациите, па да видиме каква е вистината, за да нема лов на вештерки, лов во матно. Мислам дека граѓаните и јавноста го заслужуваат тоа“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашања на денешната прес-конференција во Собранието.
Лидерот на СДСМ во тој контекст рече дека изминатиот период имало многу, како што кажа, бомбастични најави за скандали од одредени портали и од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, кои немаа никаква разрешница.
„Да ве потсетам, најава некаква за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, понатаму дека ќе има дестабилизација (на државата), и еве сега некакво следење“,
рече тој.
Според него, во времето на СДСМ се направени сериозни реформи во АНБ, во целиот безбедносен систем.
„Остро реагиравме на најавите на премиерот дека Агенциите (Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национaлна безбедност) треба да се спојат“,
рече Филипче додавајќи дека дел од причините се и искуствата од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на конкретниот случај, тој порача дека неговиот став е да се направи сè за да се открие вистината.
На коментарите на Филипче реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека лидерот на опозициската партија се обидува да го оправда неоправдливото, односно дека се следеле новинари, медиуми и лидери на партија.
„Тоа се истите луѓе кои и сега се во опкружувањето на СДС и на Венко Филипче. Како тоа вистината на Македонија се претвори во масовен скандал за прислушување на медиуми и политички противници? Дали затоа Љупчо Коцевски како прв човек во ОЈО го штитеа во Собрание, а тој за возврат молчеше за залоупотребата на ПИ-мерките? Венко Филипче е истата криминална матрица како и Зоран Заев. Ова мора да заврши со одговорност за виновниците“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценувајќи ги како сериозни обвинувања, поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, преку објава на социјалните мрежи рече оти одговорно тврди дека во периодот додека тој бил на чело на Агенцијата (2019-2022), лидер на тогашна опозициска партија не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, ниту, пак, врз него биле применувани какви било оперативно-технички мерки.
„Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година, во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициска партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“,
вели Димовски.
Во таа насока, Димовски го повика актуелниот директор на Агенцијата задолжена за државната безбедност и за контраразузнавањето, Бојан Христовски, веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено оние што се однесуваат на тогашниот лидер на опозицијата и актуелен премиер, Христијан Мицкоски.
Тврдењата на Димовски се во спротивност на оние што вчера ги изнесе премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека и Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) „се занимавале“ со него, односно бил прислушуван додека бил во опозиција, а цел на оперативна обработка биле и новинари и бизнисмени.
Мицкоски на оваа тема се осврна и во своето обраќање на Темaтскиот состанок за партнерство за отворена власт, што се одржа во Владата, во кое рече дека дека државата се соочува со нов скандал, кој открива нелегално прислушување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години.
„Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер, заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата“,
рече Мицкоски.

Тој порача дека во случајот нема да има селективна правда, туку дека ќе има одговорност и правна разрешница.
„Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши“,
рече премиерот.
Барања и повици до обвинителството и судот да го разрешат случајот денеска упатија и други функционери и пратеници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.