„Таа е човек со кој јас се познавам многу долго време и знам дека ги носи во себе и цврсто верува во социјалдемократските вредности. Учествувала во работата на многу граѓански организации“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по завршувањето на 30. Конгрес на партијата

Имаше одлична сила, енергија и ентузијазам видлив кај сите присутни. Ова го изјави претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, по завршувањето на 30. Конгрес на партијата што се одржа денеска.
Тој информира дека на Конгресот била избрана нова заменик-претседателка на партијата, Фани Каранфилова-Пановска.
„Таа е човек со кој јас се познавам многу долго време и знам дека ги носи во себе и цврсто верува во социјалдемократските вредности. Учествувала во работата на многу граѓански организации. Најмногу во ‘Фондација отворено општество’ и соработувала со други правни субјекти што ги делат вредностите така како што се поставени во постулатите на нашата партија“,
изјави вечерва Филипче.

Тој информира дека се избрани и нови членови на централниот и надзорниот одбор, а нивната селекција се одвивала во изминатите пет месеци.
„Се трудевме да избереме луѓе што се почитувани во своите општински организации. Имавме соодветни критериуми по кои тие аплицираа и на тој начин беа избрани. И ним им посакувам успешна работа. Познавајќи ги сите лично, сметам дека ќе бидат одлични претставници на своите региони и општински организации“,
рече тој.
Според Филипче, првиот состанок на Централниот одбор ќе се одржи во текот на претстојната недела и ќе бидат избрани новите членови на извршниот одбор, потпретседателите и секретарите на партијата. Со тоа треба да се заокружи целиот процес на избор на ново партиско раководство.
Филипче не сакаше да зборува за можните имиња што би влегле или би останале во партиските тела. Само рече дека во партиското раководство ќе бидат млади и енергични луѓе што досега не биле на ниту една висока партиска функција.
За платформата што ја презентира на Конгресот, Филипче рече дека се темели на социјалдемикратските вредности и неа ќе ја разработува целото ново партиско раководство.
„Целта е тоа да биде платформа за идните избори, било кој циклус. Без разлика дали се локални или парламентарни. Ќе бидеме инклузивни во тој процес, ќе ја отвориме партијата, ќе повикаме да учествуваат луѓе од многу стручни сфери. Така што, во еден многу широк, инклузивен, консултативен процес таа програма детално ќе се разработува“,
рече Филипче.
На Конгресот присуствуваше поранешниот претседател на партијата, Димитар Ковачевски, но не и претходникот Зоран Заев. Прашан дали го поканил, Филипче рече дека вчера му посакал успешна работа на Конгресот. „Не е физички присутен тука“, дополни Филипче.