Најсилното оружје против коронавирусот е секој од нас – нашата совест и нашата одговорност. Најефикасниот штит се трите правила кои мора доследно да ги почитуваме – држење растојание, носење заштитна опрема и одржување хигиена, порача министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук.
Тој посочува дека здравствениот систем е преоптоварен и дека друга опција за спречување на ширењето на вирусот се рестрикциите во движењето за кои смета дека никој не сака да се вратат. Затоа апелира да се почитуваат мерките.
„Единствен друг начин на заштита од вирусот се рестрикциите во движењето, кон што знам дека никој не сака да се врати. Затоа да почитуваме. Јас верувам во нашите граѓани, во секој од вас. Заедно да се бориме – да се чуваме себе и нашите блиски. Да ја сфатиме сериозноста на овој непредвидлив вирус и да го заштитиме јавното здравје. Да им помогнеме на здравствените работници и здравствениот систем кој е сериозно преоптоварен“,
вели Филипче.
