Министерот за здравство, на првата прес-конференција по подолго време, рече дека може да се очекува промена на стабилната епидемиолошка состојба која траеше подолго време
За крајот на оваа или почетокот на следната недела е најавено секвенционирање за да се види за каква мутација на вирусот се работи
По извесното затишје, бројот на новозаразени со коронавирусот расте. Министерот за здравство Венко Филипче, по подолго време, денеска одржа онлајн прес-конференција на која рече дека трендот на раст на бројот на заразени според анализите е од пред две недели. Процентот на новозаразени е зголемен за 25 отсто, а она што е позагрижувачко е што расте и преносливоста, што според Филипче е јасен индикатор дека ќе има промени во досегашната стабилна состојба што владееше подолг период.
„Во последните две недели процентот на новозразени е зголемен за 25 отсто и тоа во 35 града, додека во седум состојбата е или непроменета или има намалување. Растот е очекуван, имајќи ја предвид состојбата во соседните земји и воопшто во регионот“,
рече Филипче.
Како причина за растот исто така се и собирањата, но како што рече, сега во ваква широка распространетост на вирусот не може да е одреди извор или мини кластер.
Зголемен е и бројот на хоспитализирани за околу 15 отсто, односно во моментов на клиниките се лекуваат 518 пациенти со ковид, но според Филипче нема притисок врз болниците, а како причини за тоа го истакна тоа што поголем број од новозаразените се млади и се вакцинирани и се со полесна клиничка слика. Главниот притисок, како што рече, го прават невакцинираните.
За крајот на оваа или почетокот на следната недела е најавено секвенционирање за да се види за каква мутација на вирусот се работи.