За жал работата на реформската агенда силно заостанува. Но апсолутно сме спремни да седнеме заедно и да видиме како ќе работиме за напредокот и доброто на државата, кажа Филипче
Претседателот на СДСМ Венко Филипче најави дека во понеделник на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава во Собранието, ќе предложи агенда со неколку точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, кои според него би требало да се дискутираат на лидерска средба со најголемите политички партии.
„Јасни се пораките од ЕУ. Сите укажуваат дека патот по кој треба да се движиме е јасен. Додека чекаме и не правиме ништо, сè што се случува е само губење на време. Младите тоа го гледаат и го доживуваат како дополнителен стимул за побрзо иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа својата иднина во Македонија ако не направиме ништо за да го откочиме евроинтегративниот процес и заеднички да работиме на унапредување на многу сфери во нашата земја, што ќе го направи животот подобар и поквалитетен“,
рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Во однос на говорот на премиерот Мицкоски кој повика на единство и национален консензус за најважните прашања во интерес на државата, Филипче посочи дека тие како опозиција повеќе пати иницирале заеднички средби и разговори за теми од национален интерес.
„Инициравме заеднички средби во однос на работа на реформската агенда, постигнување консензус по тие прашања. За жал, добро започна работата со Законот за енергетика, но во последен момент Владата даде амандмани кои се целосно спротивни на вредностите што ги промовира Европската Унија. Со тие амандмани, во регулаторните тела ќе влегуваат лица кои претходно работеле во индустрии што биле под надлежност на истите регулаторни тела. Тоа не постои никаде во Европа. Ги дадовме своите мислења за законите за правосудството и го чекаме назад фидбекот. За жал работата на реформската агенда силно заостанува. Но апсолутно сме спремни да седнеме заедно и да видиме како ќе работиме за напредокот и доброто на државата“,
рече Филипче.
Филипче се осврна и на прашањето за договорот со Обединетото Кралство. Според него во јавноста отсуствуваат одговори и детали околу роковите и каматата, а посочи и дека пресметките на СДСМ покажуваат сериозно задолжување со кое ќе се оптовари јавниот долг.
„Практично оваа влада воведува данок на иднината а под хипотека се ставаат неколку идни генерации“
додаде Филипче.