„Сакаат да го вовлечат во кампањата. Го вовлекоа, човекот се огласи. Ништо повеќе тој не се меша, ниту се мешал досега во крерирањето на политиките на СДСМ, апсплутно не“, рече лидерот на СДСМ во вечерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5
Зоран Заев ниту се меша, ниту досега се мешал во креирањето на политиките на СДСМ. Ниту за овие избори, ниту пак претходно во изминатата година и пол, вели актуелниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче.

Филипче ова го кажа во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизијата Канал 5, прашан дали има некакви контакти со поранешниот претседател на партијата и експремиер, Заев, а во контекст на обвинувањата кои доаѓаат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
За потсетување, владејачката партија и нејзиниот лидер и актуелен премиер на државата, Христијан Мицкоски деновиве излегоа со наводи дека поранешен премиер на Бугарија ја помогал СДСМ директно преку куферче пари своевремено го дал на Заев.
Дополнително од ВМРО-ДПМНЕ излегоа и со прашања со кои сугерираа дека за возврат поранешниот претседател на социјалдемократите и експремиер му дал на поранешен премиер на Бугарија уесбе со прислушувани материјали.
Заев во понеделникот преку ретка објава на социјалните мрежа остро и категорично ги негираше тврдењата за наводните „куферчиња пари“, оценувајќи ги како лаги и клевети.
Според актуелниот лидер на СДСМ, Филипче, тоа што го прави нивниот политички опонент само покажува дека се опседнати со Зоран Заев и оти сакаат на тој начин да го вовлечат во кампањата за локалните избори.
„Со тоа што ВМРО-ДПМНЕ го направи многу повеќе покажа дека тие се опседанти со Зоран Заев и сакаат да го вовлечат во кампањата. Го вовлекоа, човекот се огласи. Ништо повеќе тој не се меша, ниту се мешал досега во крерирањето на полтиките на СДСМ, апсплутно не. Ниту за овие избори, ниту пак претходно за изминативе година и пол. Но што сметам дека е целта? Целта е да се направи една кампања, за тоа што ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи, да вовлече луѓе коишто тие сакаат да ги вовлечат затоа што нема што да кажат друго. Тие немаат со што да се пофалат. Кажете еден проект, едно исполнето ветување, кажете една мерка што е имплементирана изминатиов период. Еве кажете една категорија граѓани коишто се задволни од нивното владеење“,
рече Филипче во интервјуто.
Претходно, тој рече дека наводите за куферчињата и стиковите само покажале дека ВМРО-ДПМНЕ е таа која води црна кампања за локалните избори, а не СДСМ.
„Имаше поплаки од неколку претставници на ВМРО-ДПМНЕР дека ние правиме некаква црна кампања. Сега нека споредат граѓаните и нека кажат што е црна кампања. Да зборувате за некакви стикови, куфери, да вовлекувате некого, некои политичари од странство не е ништо друго освен црна кампања. И ова не е прво такво сценарио. И во изминатите изборни циклуси ВМРО-ДПМНЕ го правеше истото. Правеа разни инсинуации, разни алузии итн. А што правиме ние и што презентираме во јавноста? Едноставно кажуваме што претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кажувале пред изборите лани, а што кажуваат после нив“,
рече Филипче.

Во таа насока, тој рече дека за време на кампањата за парламентарните избори лани, Мицкоски тогаш како лидер на опозицијата кажувал дека ќе го врати името, нема да го почитува Преспанскиот договор, дека ќе го смени Договорот за добрососедство со Бугарија, дека ќе си даде оставка од премиерската фунцкија, ако некој го присили да го користи уставното име Северна Македонија, но откако станал премиер ништо од тоа не случило.
„Тоа само кажува со кого граѓаните си имаат работа“,
рече лидерот на СДСМ.
Филипче во интервјуто беше прашан и говореше и за резолуцијата со „црвените линии“ што ја поднесе во Собранието, велејќи дека станува збор за предлог со кој се прави обиди да се создаде национален консензус за најважните државни интереси во процесот на евроинтеграции.
Во резолуцијата, како што вели тој, се прецизираат црвените линии околу кои политичките партии треба да се обединат, а тие се: јазикот, идентитетот, културата, историјата – прашања за кои „никогаш ниту една влада не треба да преговара“.
Тој потсети дека слични декларации веќе се изгласани во Собранието и од власта и од опозицијата, и ја повика ВМРО-ДПМНЕ искрено да се изјасни дали има реална загриженост за идни блокади или тоа е само изговор за да се избегне напредок.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ иако има значајно мнозинство во Собранието, досега не направила ништо конкретно за евроинтеграциите, што смета Филипче, буди сомнеж во нивните вистински намери.
„Ако имаат 58 пратеници, за овие скоро две години, нешто требаше да направат. Не направија ништо“,
рече Филипче.
Тој додаде дека во оваа резолуција за првпат се внесува временска рамка – уставните измени да се изгласаат до крајот на годината, а потоа да се отворат преговарачките поглавја со ЕУ.
Во однос на гаранциите од ЕУ во случај на нови блокади, Филипче смета дека со писмо од државниот врв до европските лидери треба да се побара поддршка и вклученост од нивна страна. Тоа, според него, нема да значи замрзнување на преговорите туку дека треба да се вклучи Европската Унија со малку поинаков концепт и да ни помогне.
Како аргумент Филипче го посочи променетиот став на некои западни земји како Данска и Франција, кои сега изразуваат отворена поддршка за проширувањето. Според него, ако конечно постои внатрешен консензус и национално единство, нема да има надворешна сила што ќе ја блокира земјата на патот кон ЕУ.
„Ако интензивно работиме на спроведувањето на реформите, никој не може да не запре. Никој, никогаш и од ниту една страна“,
рече лидерот на СДСМ.
Говорејќи на темата за локалните избори, тој кажа дека клучна цел на партијата е враќање на довербата кај разочараните гласачи, пред сè преку кандидати со реални резултати и кредибилитет.
Тој не сакаше да шпекулира со бројки и конкретни очекувања, но повтори дека приоритетот е враќање на довербата.