Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче ги отфрли информациите за наводна предизборна соработка на неговата партија со ДУИ и Левица. Тој нагласи дека СДСМ настапува „автентично, сами“ во коалицијата, а меѓусебните обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се празни и подгреваат национализам

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, вели дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не направил ниту една реформа во судството бидејќи, како што вели, не го интересира правда.
Филипче, на денешната прес-конференција, обвини за партизирање на судството и целосно занемарување на реформската агенда во правосудството и јавно праша до кога тој и СДСМ ќе им бидат криви што не можат да спроведат ништо, ниту една реформа?
„ВМРО-ДПМНЕ веќе е очајно кога зборува за судството“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ потенцира дека и покрај неговата понуда за соработка и формирање заеднички работни групи, не е донесен ниту еден реформски закон од сферата на правосудството.
„Од вкупно 12 закони коишто требаше да се донесат оваа година – седум до јуни 2025 година и уште пет до крај на годинава – ниту еден, не само што не е донесен, не е ниту поднесен од страна на Министерството за правда во Собранието“,
рече Филипче.
Според него, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ има за цел да го контролира судството.
„Не може партиски портпароли да кажуваат кој треба да биде зад решетки, тоа треба да го каже независно и целосно функционално судство. Тоа го бараат граѓаните“,
истакна тој.
Претседателот на СДСМ рече дека власта се прочитани како буквар.
Еднаш, рече Филипче, граѓаните тој филм го гледаа со партизирано судство, кога го користеа како инструмент за политички прогон.
„Репризата во филмот ниту некој сака да ја гледа, ниту, пак, поминува и сметам дека граѓаните треба да ги казнат на изборите за ова однесување“,
кажа Филипче.
Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче ги отфрли информациите за наводна предизборна соработка на неговата партија со ДУИ и Левица. Тој нагласи дека СДСМ настапува „автентично, сами“ во коалицијата, а меѓусебните обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се празни и подгреваат национализам.
„Тоа се само празни обвинувања кои не се никако издржани. Ние нашите ставови во однос на првиот и вториот круг од изборите ги кажавме јасно и гласно – настапуваме автентично, сами, заедно со коалициските партнери“,
одговори Филипче.
Филипче вели дека политичките чинители треба да сфатат оти мора да се зборува за сериозни теми.
„Ги слушам меѓусебните обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и сметам дека граѓаните не можат да видат ништо добро од такво подгревање национализам, од такви празни флоскули, едноставно им е преку глава. Имаат секојдневни проблеми, пред сè во делот на економијата. Мора да сфатат сите политички чинители дека треба да се зборува за сериозни теми. Не може веќе да слушаме дали некој е лав или орел, врапче или маче“,
додаде лидерот на СДСМ.
Тој ја оцени минатогодишната кампања како лажна, со многу празни ветувања, чии последици сега се гледаат во економијата. Тој изнесе обвинувања за актуелната економска состојба.
„Имаме трет месец по ред намалување на платите во државата, што не се случило во времето на владеење на СДСМ, околу 12 000 форми доцнат со исплата на плати со месеци, меѓу 5 000 и 10 000 фирми не можат да го наплатат ДДВ, 6-12 месеци дел од нив се и месечни и даночни обврзници. Во наше време имаше поврат на ДДВ истиот ден, а сега има сериозно нарушување на ликвидноста на стопанството зашто доцнат исплатите од државата и општините, имаме дивеење на цените во маркетите и влада која не сака ништо да направи за тоа“,
кажа Филипче.
На изјавата на премиерот дека Македонија е петта во Европа по растот на платите, Филипче одговори дека реалноста е поинаква.
„Премиерот може да каже што сака, но реалноста е дека платите трет месец по ред паѓаат. Граѓаните нема да веруваат во лажни изјави зашто најдобро знаат дали можат да врзат крај со крај во текот на месецот“,
рече тој.