„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп“, рече лидерот на СДСМ на вечерашниот граѓански собир во општина Конче
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вечерва од граѓанскиот собир во општина Конче, повика на масовна излезеност на изборите в недела и побара поддршка за кандидатот за градоначалник на СДСМ, Благој Илиев.

Филипче, во таа насока, кажа дека жителите на Конче најдобро ја препознаваат разликата меѓу работата на Илиев и на актуелниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Благој работеше во минатиот мандат. Знаете како се однесуваше додека беше градоначалник, знаете дека вратата му беше секогаш отворена, работеше за доброто на општината и за вас граѓаните. Вие најдобро знаете како беше во времето на Благој, каква визија имаше за Конче“,
рече претседателот на СДСМ.
По мандатот на Илиев, додаде Филипче, разликата во начинот на управување е повеќе од очигледна.
„Сега кога имаме една временска дистанца од четири години, после неговиот мандат, навистина вие можете најдобро, да воочите каква е разликата и како е да се живее во оваа општина кога градоначалник е некој како нашиот Благој и како е кога потоа градоначалникот е од ВМРО ДПМНЕ, тој работи дијаметрално спротивно“,
кажа тој.
Градоначалниците од СДСМ, според него, реализирале 90 до 100 проценти од ветеното, додека оние од ВМРО-ДПМНЕ 20 проценти.
Претседателот на СДСМ Филипче оцени и дека „ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати државата во времето на страв и уцени.
Ги осуди, како што рече, притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека „власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите“.
„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп“,
рече Филипче.

Тој оцени дека Владата не презема ништо за трошоците за живот, кои, како што рече, кои растат без контрола“. За година и половина, рече Филипче, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не ги зголеми платите, ниту пак им помогна на граѓаните во услови кога цените на храната растат од месец во месец.
