Претседателот на СДСМ потенцира дека Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност, но дека неговата партија ќе продолжи да се бори за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните
ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски свесно ги оставаат граѓаните во сиромаштија, инфлацијата руши рекорди, платите стагнираат, а животниот стандард опаѓа, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во објава на социјалната мрежа Фејсбук. Тој, меѓу другото, нагласува и дека сегашната власт го прекинала системот на континуирано зголемување на платите што го воведе СДСМ оставајќи ги граѓаните на работ на преживување.
Претседателот на СДСМ потенцира дека Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност, но дека неговата партија ќе продолжи да се бори за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Тој е дециден дека СДСМ знае како да ја врати стабилноста и достоинството на граѓаните и оти нема да отстапат од предлозите за покачување на платите во сите сектори, намалување на цените преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, како и зголемување на минималната плата на 500 евра.
„Пред еден од најтешките месеци во годината, граѓаните се соочени со суровата економска реалност – сè е поскапено, а платите стојат на место. Ја прекинаа спиралата на раст на платите што ја започна СДСМ. Инфлацијата од 4,8 отсто секој месец ја јаде куповната моќ – граѓаните живеат полошо“,
вели Филипче.
Дополнително, лидерот на СДСМ вели и дека растот на реалната нето плата, која ја мери куповната моќ на граѓаните, е значително помал од минатата година, што e јасен показател за погрешните политики на Владата.
„Мицкоски се фали со бројки и проценти за наводен раст на платите. Вистината е дека реалната плата во јуни порасна само 3,8 отсто, додека со економските политики на СДСМ растот изнесуваше 11 отсто. За прв пат по долго време, имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец. Ова е аларм што не смее да се игнорира“,
кажа Филипче.