„Накратко, Тимчо воопшто не грмнал таму, бил потивок од есенски дожд. Муцунски, исто како и Мицкоски дома, пред македонските граѓани зборуваат едно, но во Брисел зборуваат друго“, рече лидедот на СДСМ
Најави дека во следните денови ќе го претстави новиот закон за антикорупција, кој, како што рече, ќе биде столб на широката платформа за која имаат огромна поддршка како од постојните коалициски партнери така и од нови

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати критики до власта, обвинувајќи ги премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за манипулација со јавноста и свесно кочење на евроинтеграциите на државата.
Филипче ги демантираше денешните медиумски написи, во кои се вели дека министерот Муцунски „грмнал во Брисел“, нарекувајќи ги пропаганда.
„Муцунски грмнал во Брисел. Тимчо. Ова веќе звучи смешно само по себе. Но, она што воопшто не е смешно е дека криминалната група на ВМРО преку нивните медиуми, сега внимавајте, ја обвинуваат Европската Унија дека не се спроведуваат реформите тука кај нас. Тимчо Муцунски, министер на криминалната група ВМРО, и во име на шефот на бандата Христијан Мицкоски, грмнал во Брисел и ја обвинил ЕУ дека таа е виновна што ние не ги спроведуваме реформите како услов за продолжување на преговорите. Значи вака, тие се виновни што ние не сме направиле ништо во однос на нашите обврски. Кој е овде луд? Тие ништо не работат на реформите, па им е виновна Европската Унија“,
истакна Филипче.
Тој нагласи дека вистината е сосема поинаква од пропагандата што ја пласира ВМРО.
„Накратко, Тимчо воопшто не грмнал таму, бил потивок од есенски дожд. Муцунски, исто како и Мицкоски дома, пред македонските граѓани зборуваат едно, но во Брисел зборуваат друго“,
рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, вистинската причина за застојот во преговорите не се малцинствата, туку стравот на власта од воспоставување на правна држава.
Филипче нагласи дека европските реформи значат независно судство и одговорност, што според него, не и одговара на „криминалната банда на власт“.
Тој повтори дека внесувањето на малцинствата во Уставот е обврска кон ЕУ, а не само кон Бугарија.
„Малцинствата не се нови луѓе што треба да дојдат тука кај нас. Тоа се наши граѓани, граѓани на Македонија, наши комшии, пријатели, сограѓани. Како не разбираат? Не се проблем малцинствата. Проблемот е криминалот и корупцијата на оваа банда на власт“,
рече тој.
Филипче предупреди дека политиката на поделби на „патриоти и предавници“, која ја практикува ВМРО-ДПМНЕ, води директно кон изолација и осиромашување на граѓаните.
„Затоа се подготвени да ја жртвуваат вашата иднина и иднината на вашите деца. Затоа имаме вака голем број граѓани кои живеат во сиромаштија. Затоа платите не се зголемуваат. Затоа луѓето немаат за леб, за патување, немаат за нормален живот, каков што имаат граѓаните на Европа. Ние не преговараме со Бугарија. Ние преговараме со Европската Унија“,
рече Филипче.
Тој додаде дека ВМРО не сака реформи, затоа што тоа значи одговорност и вистинска европска трансформација.
„Најголемите предавници се Христијан Мицкоски и неговата криминална банда. Реформите се проблем за нив, затоа што реформите значат продолжување на интеграциите во Европската Унија. Реформите значат демократско и праведно општество. Реформите значат независно судство, европско јавно обвинителство и одговорност. Некој мора да одговара за кражбата. А тие тоа не го сакаат“,
рече Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче предупреди дека европската перспектива на државата е загрозена од анти-европски кампањи, дезинформации и пропаганда на ВМРО, чија цел е да се одвлече вниманието од реформите и одговорноста на власта.
„Затоа ги држат сите граѓани како заложници со лаги, со предавници, со лажни вести, со лажни афери, Харис Џиновиќ, Дубаи, згради и со цела таа пропаганда, која што секојдневно ја гледаме – орбановата медиумска машинерија, која работи деноноќно и го труе јавниот простор. Европа е нашиот национален интерес. Македонија треба да биде во Европа. Македонија и Европа се нашиот идентитет. Анти-европската кампања, евроскептицизмот, тоа се задачите на овој медиумски октопод од Будимпешта преку Белград до Скопје“,
рече Филипче.
Најави дека во следните денови ќе го претстави новиот закон за антикорупција, кој, како што рече, ќе биде столб на широката платформа за која имаат огромна поддршка како од постојните коалициски партнери така и од нови.
„Имаме огромна поддршка како од актуелните коалициски партнери така и од нови. Некои од луѓето не сакаат јавно да бидат спомнати, станува збор и за помали политички партии, се плашат од црна кампања и јас ги разбирам“,
рече Филипче.
Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче најави дека на црната кампања што се води преку орбановите медиуми ќе и дојде крај.
„Не етикетирам медиуми, етикетирам пропаганда. Црна гебелсова пропаганда на која после освојувањето на власта, кога власта ќе се врати во рацете на граѓаните на таа пропаганда ќе и дојде крај. Исто како што и дојде крај на изборот на таа пропаганда затоа што ова овде е само крак на орбановата пропаганда, како што тоа го направи Петер Маѓар во Унгарија – ги укинува фрекфенциите и луѓето од тие орбанови медиуми кои со години шират лаги, дезинформации почнаа да се извинуваат на граѓаните за тоа што го правеле“,
рече тој.
Филипче понатаму во одговорот обраќајќи се до новинарот рече „и вие лично ќе се извинувате за тоа што ме клеветевте дека имам куќа во Нерези и ќе ве ослободам затоа што знаевте дека правевте црна кампања против мене“.
