Министерот за здравство Венко Филипче апелира до опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и до партискиот лидер Христијан Мицкоски да прифатат дебата во парламентот за изградбата на новиот клинички центар.
Филипче денеска ги негира обвинувањата од Мицкоски дека клиничкиот центар ќе чини четирипати повеќе од тој што се гради во Србија и дека тие две градби наводно биле идентични.
„Не е точно дека проектите може да се споредат. Во Србија станува збор за зграда која е изградена уште пред повеќе од 20 години и стои празна. Властите во Србија одлучија сега тоа да го реновираат и да го опремат. Не станува збор ниту за нова градба ниту за капацитет од обем каков што ние планираме. Да не споредуваме баби и жаби“,
рече денеска Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Тој апелираше до опозицијата да дискутира отворено за изградбата на клиничкиот центар бидејќи, како што рече, е од интерес на сите.
„Еднаш апелирав, еве и сега повторно ќе апелирам до ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да прифатат да се дискутира во парламентот по ова прашање и јавно да бидат вклучени сите чинители во тој процес. Не смееме да им го скратиме правото на граѓаните да добијат модерна болница. Знаеме колку е важен тој клинички центар, а тоа го видовме и сега со пандемијата“,
рече Филипче.
Мицкоски вчера во гостување на ТВ Сител рече дека за клиничкиот центар ќе се потрошат минимум 500 милиони евра, а додека пак за ист таков во Србија ќе се потрошеле 125 милиони евра.
„Овој документ што го држам во рака е за новиот клинички центар, кој, практично, во септември треба да се изгради во Србија, а веќе се гради, и овој клинички центар кој е идентичен на нашиот со 1 000 болнички кревети и други работи чини, верувале или не, 125 милиони евра. Или четирипати помалку од оној клинички центар што планира хибридниот режим на СДСМ и Зоран Заев да го изградат. Епа ако ова не е пљачка и криминал во најава, тогаш не знам за што ние зборуваме“,
рече Мицкоски.
