Филипче ги демантираше информациите за каков било таен договор меѓу неговата партија и ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека не може да се има договор со луѓе кои „прашуваат колку чинат животите на децата во Кочани“ и кои кажуваат дека „сега не е време за реформи“
Претседателот на СДСМ изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за буџетот во правосудството ја оцени како „спин“ на власта за да се префрли фокусот од вистинските реформи, кои целосно изостануваат

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ е контролирана од поранешниот премиер Никола Груевски и дека во партијата се само „извршители“ на неговите политики.
Филипче го изнесе ова тврдење осврнувајќи се на изјавата на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова дека „ова не е време за реформи“, што според него, е директно поврзана со активностите на Груевски од странство.
„Не може да си дозволи претседателка на државата, која пред само година ипол доби половина милион гласови, да каже дека ова не е време за реформи. Неколку дена пред тоа Никола Груевски од Будимпешта напиша пост во кој зборуваше дека Европа е во време на војни. Се повеќе ќе станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ го контролира Никола Груевски од Будимпешта. И тие се само извршители на неговите политики и ништо друго“,
рече Филипче.
На денешната прес-конференција, Филипче ги демантираше информациите за каков било таен договор меѓу неговата партија и ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека не може да се има договор со луѓе кои „прашуваат колку чинат животите на децата во Кочани“ и кои кажуваат дека „сега не е време за реформи“.
„Јасно демантирам – нема било каков скриен, таен, полутаен договор за било што со ВМРО-ДПМНЕ. Не може да има договор со луѓе што оставија 10 000 семејства во земјоделството без приходи заради корупција. Не може да се има договор со луѓе што ништо не прават во образованието, ги оставија наставниците без зголемени приходи, нема раст на платите. Не може да има договор со луѓе кои ништо не прават во здравството, освен што неколку луѓе мешетараат од клиники и договараат тендери и договорени спецификации“,
рече Филипче.
Филипче го повика ВМРО-ДПМНЕ да се посвети на решавање на проблемите на граѓаните, наместо да се занимава со внатрешните прашања на СДСМ.
Лидерот на СДСМ најави дека партискиот Конгрес ќе се одржи околу Нова година, а на кој ќе му претходи состанок на Централниот одбор на кој ќе се анализираат изборните резултати и делувањето на партијата.
Осврнувајќи се на повиците за негова одговорност, тој смета дека тие се „инструирани од ВМРО-ДПМНЕ“ и доаѓаат од партиски другари кои претрпеле најлоши резултати на општинско ниво.
„Интересно е што повиците за оставка стигнуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Не знам зошто тие се занимаваат со СДСМ. Тие треба да се занимаваат пред сè со проблемите на граѓаните, кои што силно им тежат на грбот, а не се ни обидуваат да ги решат. Дел од нашите партиски другари претрпеа пораз на општинско ниво. Ним им беше дадена довербата да ги водат општинските организации, а направија најлоши резултати досега во тие општини. И сметам дека немаат морално право тоа да го бараат. Но, подготвен сум да дебатирам на која било тема и со нив“,
рече Филипче.
Претседателот на СДСМ изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за буџетот во правосудството ја оцени како „спин“ на власта за да се префрли фокусот од вистинските реформи, кои целосно изостануваат.
„Не станува збор само за тоа колку плата земаат вработените во правосудството. Станува збор за тоа што и како треба да се направи за да се зајакне системот и да се стигне до поголеми буџети, онака како што тоа функционира во развиените земји. Тоа е вистинското прашање. А власта не го коментира тоа, затоа што за реформи воопшто не станува збор. Ниту еден реформски закон не е донесен од реформската агенда, затоа што немаат интерес за реформи“,
рече Филипче.
Според него, судиите и обвинителите не бараат само повисоки плати, туку тоа го бараат како дел од спроведувањето реформи во нивниот систем.
