За денешната поддршка што од ВМРО-ДПМНЕ ја дадоа на најавениот бојкот, Филипче вели дека тоа е само брзоплетост за „повторно да спечалат некој политички поен“ и додава дека со тоа премиерот и неговата партија во целост го признале неуспехот во управувањето со оваа состојба

Најавениот бојкот на маркетите е најголем пораз на погрешните политики на власта и кулминација на незадоволството на граѓаните. Ова е дел од објавата на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, а која се однесува на повикот што на социјалните мрежи се шири до граѓаните в петок да ги бојкотираат маркетите.
Филипче, во објавата на својот фејсбук-профил, вели дека лицемериeто на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ го достигнале врвот.
„Откако лично тој и неговата партија дозволија цените во маркетите да пораснат до небо и не преземаа ништо, сега ќе давале поддршка на бојкотот на маркетите. Граѓаните не се наивни и добро знаат кој е одговорен за состојбата. Точно знаат кој ги водеше лажните пи-ар кампањи со кошничките од кои цените не само што не се намалија, туку и пораснаа“,
пишува Филипче.
За денешната поддршка што од ВМРО-ДПМНЕ ја дадоа на најавениот бојкот, Филипче вели дека тоа е само брзоплетост за „повторно да спечалат некој политички поен“ и додава дека со тоа премиерот и неговата партија во целост го признале неуспехот во управувањето со оваа состојба.
Според Филипче, тоа што власта ќе протестира против сама себе е невиден парадокс.
„Ова е ‘Монти Пајтон’ политика на влада која изгубила контакт со реалноста после само осум месеци владеење. Мицкоски не го интересираат граѓаните и ова го докажува секој ден“,
додава Филипче во објавата.
Откако утринава на социјалните мрежи почна да се шират повици до граѓаните во петок на 31 јануари да се воздржат од купување и користење услуги во маркетите, од СДСМ ја повикаа Владата да ги прифати нивните предлози за проблемот со цените и итно да донесе мерки за заштита на граѓаните.
Поддршка за бојкотот на маркетите има и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што изразија уверување дека институциите ќе се спротивстават на „забеганоста на дел од маркетите и состојбата во која без никаков индикатор што ја предизвикува инфлацијата нечовечно се зголемуваат цените на производите, што директно ја зголемува сиромаштијата“.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека институциите ги следат состојбите со цените во маркетите и навремено реагираат.
Целта на бојкотот, како што коментираат на социјалните мрежи, е, исто како Хрватите и Црногорците, да се испрати порака на незадоволство од постојаниот раст на цените на основните производи.
Во Хрватска на 24 јануари се одржа бојкот на продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените.
На социјалните мрежи во Босна и Херцеговина се шират повици за бојкот на продавници, бензински пумпи, кафулиња и ресторани во петок (31 јануари 2025 г.).
Повик до граѓаните за бојкот на маркетите за в петок има и во Србија.