Тој додаде дека овие локални избори се избори за одлука, „момент кога секој глас станува дел од голема приказна за обнова и единство, а гласот за СДСМ е глас за враќање на надежта во Македонија“
Филипче вели дека нема поголемо признание за катастрофалните политики на власта од тоа што во кампањата сее поделби и го напаѓа СДСМ бидејќи „нема ниту еден резултат зад себе“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вечерашната граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Крива Паланка упати повик до граѓаните за масовно излегување на локалните избори и гласање за промени, притоа критикувајќи ја политиката на премиерот. Тој рече дека сите негови големи ветувања останале само празни зборови во ушите на граѓаните.
„Мицкоски има апсолутна власт, централна, локална, сѐ е под контрола негова, а покажува историска неодговорност. Оваа влада е историски најлоша влада од независноста до денеска и тоа се виде само за една и пол година. Влада без ниту едно реализирано ветување, без план, без резултат. Влада на порази и понижувања“,
рече Филипче.
Пред граѓаните на плоштадот во Крива Паланка тој порача дека претстојните избори не се обични, туку се избори за одлука и враќање на надежта.
„Ова не се обични локални избори. Во недела одлучуваме дали ќе ја вратиме правдата, достоинството и чесноста во нашата земја. Одлучуваме за иднината на секое семејство, за сигурна иднина на младите, за држава во која трудот се цени, а не партиската книшка“,
истакна Филипче.
Тој додаде дека овие локални избори се избори за одлука, „момент кога секој глас станува дел од голема приказна за обнова и единство, а гласот за СДСМ е глас за враќање на надежта во Македонија“.
„В недела одлучуваме дали ќе живееме во држава со ред, правда и чесност, или ќе живееме во држава на хаос, корупција и привилегии за блиските на власта, како што е сега. Или нашиот дом ќе продолжат да го рушат цигла по цигла, како во изминатите една и пол година, или сите заедно ќе го спасиме. Во недела одлучуваме дали лажниот патриотизам и поделбите ќе продолжат или љубовта кон татковината и заедништвото ќе надвладее“,
рече Филипче.
Во обраќањето тој посочи дека сега не е време за апатија и разочараност, туку за обединување и масовно гласање.
Додаде дека нема поголемо признание за катастрофалните политики на власта од тоа што во кампањата сее поделби и го напаѓа СДСМ бидејќи „нема ниту еден резултат зад себе“.
„Каде е ‘нова иднина’ што ја ветуваше Мицкоски? Каде се поголемите плати, економскиот тигар, каде е редот, правдата? Дали историски највисоките цени, најниската минимална плата, инфлацијата и задолжувањата се ‘новата иднина’? Дали уништеното земјоделство со родот кој скапува по нивите, или заглавениот европски пат е новата иднина? Не, почитувани. Со Мицкоски немаме иднина!“,
рече претседателот на СДСМ.
Лидерот на СДСМ потенцира дека Македонија има потреба од промени, стабилност и вистинска визија.
„СДСМ е партијата што донесе независност по мирен пат, што ја внесе Македонија во НАТО, што ги отвори вратите кон Европа. СДСМ се крена, СДСМ се враќа. Нашата борба е за враќање на граѓанскиот концепт, за општество во кое никој не е над законот“,
рече Филипче.
Тој ја пофали работата на актуелниот градоначалник на СДСМ во Крива Паланка, нагласувајќи дека „делата зборуваат гласно“.
„Во Крива Паланка повторно ќе славиме победа и тоа уште во првиот круг. Вашата сила е во гласањето! Ве повикувам да ја покажете таа ваша сила во недела! Гласајте за број 5! Се враќа силата на народот – се враќа СДСМ!“,
кажа Филипче.