Лидерот на СДСМ е на став дека со поддршката и на американската и на европската резолуција за Украина во ОН, кои, како што рече, имаат за цел побрзо и поскоро завршување на војната, како држава би го манифестирале партнерството со Европската Унија и со САД, но и би ја изразиле поддршката за што побрз крај на војната во Украина
Ќе беше помудро да гласаме за двете резолуции, тоа ќе беше принципиелна и стабилна позиција што ќе ја зајакнеше нашата позиција и со ЕУ и со САД бидејќи, притоа, тие две резолуции не се косат една со друга, туку се надополнуваат. Ваков е ставот на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, во врска со гласањето на земјава за резолуциите за Украина поднесени од Европската Унија и од САД во Генералното собрание на ОН.

Филипче е на став дека со поддршката и на американската и на европската резолуција, кои, како што рече, имаат за цел побрзо и поскоро завршување на војната во Украина, како држава би го манифестирале партнерството со Европската Унија и со САД, но и би ја изразиле поддршката за што побрз крај на војната.
„Зошто Владата одлучи да нè стави во друштво на некои африкански земји коишто не делат никакви сличности со нас, притоа да се оддалечиме од буквално сите земји во контекст на гласањето во Европа и во нашето соседство, навистина не е јасно. Прашањето зошто не гласавме за неа ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика како што тврди Владата, зошто гласаме спротивно на сите други европски земји? Владата дополнително ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано. Првпат една македонска влада што коспонзорира резолуција потоа не гласа за истата“, рече Филипче.
Со ваквите одлуки, според лидерот на СДСМ, Владата покажува дека нема ниту стратегија ниту координација, а оти надворешната политика се води исклучиво на импровизација и на лична проценка на премиерот.
Прашан дали смета дека земјава го менува курсот по последните случувања на меѓународната политичка сцена, Филипче вели, позициите на Владата во делот на надворешната политика и натамошните чекори не се јасни.
„Владата кажува дека има поддршка во делот на подобрување на нашата положба за преговорите, но не кажува ниту каква е ниту од кого е таа поддршка. Не кажуваат дали овие чести средби и посети во САД се токму во тој контекст. Секоја поддршка е добредојдена, меѓутоа ништо конкретно во овој момент не гледаме. Некако како да е сè конфузно и како Владата да се движи без компас, со носење на некои ад хок одлуки. Замислете, премиерот излегува и вели дека така одлучиле само. Станува збор за стратешкиот правец на земјата кој повеќе од три децении е тој којшто е, со јасно стратешко партнерство и со европските земји и со САД. Секогаш во делот на надворешната политика нашата стратегија се градела во контекст на заедничко партнерство и со ЕУ и со САД“, додаде лидерот на СДСМ.