Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека анализите на состојбата со ковид-19 покажуваат дека вирулентноста слабее и има многу асимптоматски случаи.
„Вирулентноста значајно слабее, анализата на симптомите покажува дека има огромен број на асимптоматски случаи и со многу лесни симптоми, близу 90 проценти. Ова воопшто не треба да значи дека вирусот не е опасен. Сведоци сме дека и сега има пациенти со тешка клиничка слика“,
рече Филипче.
Иако бројката на заразени деновиве е висока, тој рече дека вирусот се шири во рамките на кластерите и на тие лица кои се веќе во изолација, но повторно нагласи дека има и случаи кои не се поврзани со кластерите.
Во недела ќе има состанок за да се одлучи кои ќе бидат натамошните чекори.
До крајот на идната недела очекувањата на здравствените власти се дека ситуацијата ќе биде многу подобра.