Министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашното интервју на „360 степени“ зборуваше за карактеристиките на кинеската вакцина од производителот „Синофарм“. Денеска од оваа вакцина пристигнаа во земјава 200 илјади дози и од вторник се очекува да започне масовната имунизација на населението.
„Синофарм“ во секој момент очекува одобрување за итна употреба и од Светската здравствена организација, но досега нема најави за нејзина регистрација од Европската агенција за лекови (ЕМА).
„Не е тоа нешто што треба да загрижува ниту пак е индикатор за безбедноста на вакцината. Според нашите стручни лица кои работат во делот на квалитет на вакциниците и во креирање на вакциналниот календар. Кај нас се земаат предвид тие сертификати за кои стручните лица сметаат дека се соодветни, а тие сертификати за квалитет кои ги издаваат и производителите и контролните лаборатории на барање на производителите ги имаат сите вакцини коишто во моментов не се одобрени од ЕМА од различни причини. Некои аплицираат и сè уште не стигнале до таа фаза, некои не ни имаат намера да аплицираат, зашто сосем соодветно функционираат нивните лаборатории, но имаат и таков пристап. Кинеската вакцина на „Синофарм“ е една од тие вакцини. Ние немаме најава дека кинескиот производител „Синофарм“ воопшто ќе аплицира во ЕМА, но тоа не значи дека вакцината не е кавлитетна. Ги пратиме студиите во кои ефикасноста е исклучително висока и тоа за нас е сосема доволно“,
рече Филипче.
С Македонија е четврта земја во Европа што ќе ја користи кинеската вакцина на „Синофарм“ покрај Унгарија, Србија и Турција.
„Оваа вакцина ја користи и цела Јужна Америка, Мексико и речиси половина од земјите на африканскиот континент и сите земји во Азија. Ова е од таканаречената вакцинална дипломатија што ја развија Русија и Кина и овие земји што ги споменав се целосно покриени со вакцините на „спутник В“ и дел од кинеските производители „Синофарм“ и „Синовак“ коишто ги имаат поминато сите фази на истражување. Причините зошто овие две земји ги отворија вратите за сите земји во светот веројатно се бројни. Тука сигурно има и геостратешки и политички интереси. Но, не сме ние дел од мал број на земји коишто имаат пристап до овие вакцини“,
вели Филипче.
