Можна е препорака за аплицирање на трета доза од вакцината против ковид-19 кај имуно-компромитирани лица, рече Филипче
Имунитетот од вакцинација против ковид-19 е поефикасен и подолготраен од имунитетот добиен од прележана болест, рече министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција посветена за старот на кампањата „Вакцинирај се“ и апелираше граѓаните масовно да се вклучат во процесот на имунизација.
„Нема дилема дека антителата кои се создаваат кај пациентите после прележана болест еден одреден период штитат. Но, суштината е дека имунитетот од вакцината е многу подолготраен и поефикасен. Граѓаните треба да се стекнат со подолготраен имунитет и на тој начин истовремено да го заштитиме здравствениот систем. Препораките од нашиот комитет се должат на повеќе студии. Траен имунитет е вакциналниот имунитет. Убеден сум дека ќе го издржиме овој бран, ако треба ќе се организираме дополнително“,
рече Филипче.
На новинарско прашање, Филипче рече дека најверојатно, препораки за трета доза од вакцините против ковид-19 ќе има за имуно-компромитирани лица, односно лица со хронични болести.
„Тоа што сега го очекуваме, согласно новите и последни анализи, за тоа дали е потребна трета доза. Засега има официјален став и Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) за трета доза кај имуно-компромитирани лица, тоа се пациенти на кои им била извршена трансплантација или пациенти кои се на хронична дијализа, за што има препорака до нашиот Комитет за имунизација“,
рече Филипче.