Изјавата на лидерот на СДСМ следува откако ОЈО Куманово го повлече обвинителниот предлог против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службената положба. Обвинението беше поднесено во март минатата година, а завршните зборови од овој судски спор беа закажани за утре во Судот во Куманово
Кочено се потврди зошто Максим Димитриевски влезе во коалиција со Христијан Мицкоски – неговата цел била не само поделбата на СДСМ, туку и да се спаси од правен прогон.

Ова вечерва од граѓанска трибина во Крушево го изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако Основното јавно обвинителство Куманово го повлече обвинителниот предлог против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службената положба. Обвинението беше поднесено во март минатата година, а завршните зборови од овој судски спор беа закажани за утре во Судот во Куманово.
„Скандалозно е и преседан во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. Ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“,
рече лидерот на СДСМ од граѓанската трибина во Крушево.
Оцени дека потреба на Димитриевски од ВМРО-ДПМНЕ е Мицкоски да ја „исече“ раката на правдата.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се ‘бореле со Бугарите’, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од која било причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против ‘бугарски диктат’, а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“,
додаде Филипче.
Основниот суд Куманово донесе пресуда со која обвинението против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски се одбива, бидејќи јавниот обвинител се откажал од обвинението. Одлуката за повлекување на обвинението, како што посочија од Јавното обвинителство, е донесена откако по изведувањето на сите докази во текот на судската постапка, вклучувајќи ги и исказите на вештите лица, утврдено е дека веќе не постои штета, што е клучен елемент за постоење на кривичното дело.