„Луѓето не може да преживеат, имаат реални потреби, не може крај со крај да врзат. А што им вели премиерот – јадете помалку или не одете на одмор, тоа ли е одговорна власт, тоа ли е тоа што луѓето сакаат да го видат“, вели лидерот на СДСМ

Минималната плата од 600 евра е реална потреба и е неопходно за да се подобри животниот стандард на граѓаните, вели лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче. Според него, граѓаните се соочуваат со сериозни економски притисоци и дека е неопходна вистинска поддршка за работниците.
Тој вели дека со сегашната минимална плата од 400 евра на едно семејство му се потребни три такви за да го преживее месецот.
Филипче додава дека со кризата во Иран се предвидува и друга криза кога се очекува да се зголемат цените на храната.
„Што ќе прави Христијан сега, ќе вели – не 1 600 денари, туку 1 800 денари. Сега е 400 евра минимална плата, а ниту три не се доволни да се преживее месецот“,
рече Филипче во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Според него, народот не може да преживее и едвај врзува крај со крај.
„Луѓето не може да преживеат, имаат реални потреби, не може крај со крај да врзат. А што им вика премиерот – јадете помалку или не одете на одмор, тоа ли е одговорна власт, тоа ли е тоа што луѓето сакаат да го видат“,
рече Филипче.
Тој додаде дека власта постојано бара изговори за да не ја покачи минималната плата на 600 евра.
„Излегува премиерот и им кажува на работниците вашиот човек што ја правел синдикалната кошничка кажал дека одморот е дел, а не е дел итн. Се бараат изговори за да не се направи нешто или за да им се помогне на граѓаните, за власта е првото сценарио. Само изговори за да не им се излезе во пресрет на граѓаните“,
додаде Филипче.
Тој додаде дека СДСМ и како власт и како опозиција постојано предлага решенија за зголемување на минималната плата кои власта упорно не ги прифаќа.
„Дадовме предлог на 600 евра да се зголеми, нека ја зголемат 10 000 денари, нека ја зголемат 8 000, 6 000 денари, а не 1 600 денари. Не им е доволно на луѓето, па нормално веќе протестираат и нормално дека ќе ги поддржиме“,
изјави Филипче.
Филипче посочи дека политиките на СДСМ за поддршка на работниците секогаш биле конзистентни, за разлика од лицемерниот пристап на ВМРО-ДПМНЕ.
„Минималната плата, пристапот кон работниците е најдобриот пример за конзистентноста на нашите политики и лицемерните политики на ВМРО-ДПМНЕ. Кога тие беа во опозиција, ги поддржуваа нивните иницијативи за раст на минималната плата во период кога таа континуирано растеше. Да потсетам во првите години од власта на СДСМ значи 2017-2018 година, до некаде пред ковид-времето, минималната плата се зголеми за 60 отсто за потоа и повеќе од дупло да порасне. Две години има оваа власт, половина од мандатот е веќе поминато, не мрднала минималната плата. И сега кога тие се на власт и можат да им излезат во пресрет, тие тоа не го прават“,
рече Филипче.
